Изминативе понеделник и вторник, на 3 и 4 јуни, во мирното село Шијон, близу Елбасан, Албанија, православни свештенослужители и верници од неколку земји, Албанија, Македонија, Србија, Црна Гора, се собраа во голем број, за да ја одбележат празничната слава во Светата Обител посветена на Светиот бчаговерен кнез – маченик Јован Владимир.
Како претставник на Свештената Бигорска Обител на празничното бдение и на светата архиерејска Литургија, сослужуваше собрат, Архимандритот г. Доситеј, кој отпатува во Манастирот со уште двајца наши браќа, монасите Филарет и Филип.
Манастирот на Свети Јован Владимир, изграден на возвишените падини на Шијон, е светилиште кое со векови ги привлекува верниците со својата духовна сила и светост. Ова свето место, кое дише со историја и вера, е сведок на безброј молитви и на благодатни соединувања со Христа.
Празнувањето на Светиот Јован Владимир е можност за сите верници да се обединат во молитва, да ја зацврстат својата вера и да го почувствуваат духовното единство кое ги поврзува сите православни Христијани од регионот и пошироко.
Како претставник од Бигорски, отец Доситеј беше замолен од тамошните медиуми за изјава, на што тој со љубов одговори дека за нас претставува голема чест празнувањето на Светиот Јован Владимир, кој има огромен култ и во нашите простори. Тој го истакна и фактот дека Свети Јован Владимир бил современик со правиот Ктитор на Свештената Бигорска Обител, Светиот Јован Дебранин и дека голема е веројатноста лично да се познавале и да соработувале. Оттука и големиот култ што го има Свети Јован Владимир кај нас, како и фактот што живописи со неговиот лик ги красат нашите манастири.