Австрија затвора седум џамии и ќе протера 60 имами

Австрискиот канцелар Себастијан Курц најави дека Виена ќе ги протера свештениците што се финансирани од странство и дека ќе бидат затворени седум џамии во земјата како дел од борбата против, како што кажа, политичкиот ислам. Меѓу џамиите што ќе бидат затворени е и една во Виена, водена од турска крајнодесничарска организација, како и шест други што се под раководство на арапски верски заедници, соопшти Курц.

„Во нашата земја нема места за паралелни општества, за политички ислам и радикални трендови“, изјави австрискиот канцелар. Австрискот министер за внатрешни работи, како што наведува „Франс прес“, додал дека од земјата ќе бидат протерани шеесетина имами и нивните семејства.

Иако австрискиот закон забранува финансирање свештеници од странство, турската организација ATIB, на која ѝ припаѓаат имамите, пронашла начин да ја заобиколува забраната, изјавил министерот за култура, Гернот Блумел, чие министерство ги опфаќа и верските прашања. Тој нагласил дека турската џамија се затвора поради краен десничарски екстремизам и поради тоа што нема дозвола за работа од австриската исламска заедница. Арапските џамии, пак, се затвораат поради салафистичките ставови што ги проповедаат.

Advertisement