Бегај: Правото на изразување мора да се остварува во согласност со Уставот и законот

Претседателот Бајрам Бегај првпат реагираше во врска со протестите што повеќе од три недели се  одржуваат во Тирана, нагласувајќи дека правото на граѓаните да се изразуваат и да учествуваат во јавниот живот е вредност заштитена со Уставот, но мора да биде во согласност со него и законите на земјата.

Оваа активност се одвива во време кога граѓаните јавно ги изразуваат своите загрижености и очекувања на мирен начин. Во однос на уставната позиција, уставната неутралност, можам да нагласам дека правото на изразување и учество во јавниот живот е вредност заштитена со Уставот, која мора да се остварува во согласност со Уставот и законите на земјата. Консолидацијата на демократијата и одржливиот развој на земјата се потпираат на заедничката посветеност на граѓаните и институциите да дејствуваат во согласност со Уставот и националниот и јавниот интерес. Уставната рамка, заедно со правилата на владеењето на правото и демократијата, претставуваат главна гаранција за правилно функционирање на општеството, наведе Бегај.

Како шеф на државата, тој ја изрази својата подготвеност да го промовира дијалогот и соработката во служба на националниот интерес.

Останувам посветен на заштитата на Уставот, основните права и слободи на граѓаните, како и на промовирањето клима на соработка и дијалог што служи на националниот и јавниот интерес, европската иднина и евроатлантската припадност и вредности на земјата, истакна Бегај.

Во Тирана синоќа се одржа 25.по ред протест на кој беа повторени веќе познатите барања „безусловна оставка на премиерот и на владата“, придружена со формирање непартиска преодна влада со мандат од 12 месеци.

Тие бараат и уставни измени за да се обезбеди еднаквост на граѓаните пред законот, при што измените би се усвоиле преку народен референдум.

Меѓу предлозите е и ограничување на мандатот на премиерот, со што би му биле дозволени најмногу два мандата во текот на животот.

Нивните барања ги поддржа албанската опозиција и го повика своите членови да учествуваат на протестите.