Бизнис со лажен идентитет: МАЕИ бара истрага за мафијата со бугарски пасоши што ги уценува албанските граѓани

Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ) ја поздравува денешната акција на албанската полиција во општина Булќиза, при што беа уапсени функционери инволвирани во издавање лажни потврди за бугарско потекло.

Сепак, нагласуваме дека ова претставува само врв на ледениот брег. Ваквите злоупотреби се присутни во повеќе општини низ Албанија уште од 2020 година и претставуваат организирана појава која сериозно го нарушува правниот поредок и кредибилитетот на институциите.

Во 2017 година, Бугарија, под закана со вето врз европскиот пат на Албанија, надвор од сите правни критериуми, издејствува признавање на непостоечко бугарско малцинство.

Една од клучните мерки за создавање вештачко бугарско малцинство во Албанија е доделувањето бугарски пасоши, при што се злоупотребува тешката економска состојба,  како на македонското малцинство, така и на албанските граѓани воопшто. Граѓаните плаќаат илјадници евра за да добијат бугарски пасош и да обезбедат можност за работа во земјите на Европската унија, користејќи ги привилегиите што произлегуваат од членството во ЕУ.

Станува збор за организиран бизнис вреден милиони евра, кој не е ограничен само на Албанија, туку функционира и во други земји надвор од Европската унија, како Македонија, Косово, Србија, Украина и Молдавија.

Во последните години, како дел од оваа стратегија, од апликантите за бугарско државјанство се бараат потврди за бугарско потекло, кои во многу случаи нелегално се издаваат од локални функционери без законска надлежност. За жал, поединци на одговорни позиции, водени од личен интерес, активно учествуваат во оваа незаконска практика.

Потсетуваме дека МАЕИ уште од 2020 година континуирано ја алармира јавноста, како и домашните и меѓународните институции, за постоењето на овие злоупотреби.

Го повикуваме Министерството за внатрешни работи и сите надлежни органи да ја прошират истрагата и во другите општини каде што постојат сомнежи за слични незаконски активности, како и да се разбие целосната мрежа што стои зад овој организиран криминал поврзан со издавањето бугарски пасоши.

Воедно, бараме надлежните институции да ја прошират истрагата не само за незаконското издавање лажни потврди за бугарско потекло, туку и за влијанието што мрежата на посредници за бугарски пасоши го имала за време на пописот во 2023 година на целата територија на Албанија. Постојат сериозни индикации дека преку злоупотреба на позицијата и влијанието биле инсталирани свои попишувачи, а врз граѓаните бил вршен притисок, закани и поткуп со цел да се изјаснат како Бугари, што претставува класичен пример на пописен инженеринг.

МАЕИ останува цврсто посветена на заштитата на идентитет на македонското малцинство во Албанија и на почитувањето на законите и европските вредности.