Бугарија е обврзана да ги спроведува пресудите од судот во Стразбур за македонското малцинство во Бугарија 

Вчерашната изјава на бугарскиот премиер Кирил Петков за непостоење на македонско малцинство во Бугарија тешко дека може да значи нов почеток во односите меѓу двете земји. Петков бара Бугарите да влезат во македонскиот Устав, а притоа изјавува дека нема што да се разговара за некакво македонско малцинство во неговата земја, кога такво нешто не постои. Не веруваме дека како дипломец на Харвард Петков не ги прочитал бројните извештаи на угледни меѓународни организации за човекови права за дискриминацијата врз Македонците од страна на бугарските власти. А како премиер сигурно ја знае и обврската на Бугарија за спроведување на пресудите на Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

Бугарија е обврзана да ги спроведува пресудите на Стразбур, а Советот на министри треба да надгледува. Ваква порака лани во ноември испрати претседателот на Европскиот суд за човекови права Роберт Спано прашан за неспроведувањето на 16-те пресуди за Бугарија за прекршување на човековите права и правото на здружување на македонското малцинство.

Вперувајки го прстот кон Советот на министри, судијата Спано при посетата на Македонија потенцираше дека Европскиот суд си ја завршил својата работа и повеќе нема моќ да влијае врз извршувањето на пресудите.

„Кога судот носи одлука, судот ако најде нарушување или штета на вклучените страни носи мерки кои треба да ги преземе посочената земја. Секако може да имате и следни пресуди и судот повторно да ги констратира истите прекршувања. Но секое понатамошно извршување на пресудата, дали со промена на на националните закони или со плаќање на штета од земјата се надгледува од Советот на министри. Судот нема моќ на извршување на пресудите или следење како се извршува пресудата”, смета Спано.

Според генералните принципи на Советот на Европа, секоја земја-членка, во случајот и Бугарија, е обврзана да ги почитува пресудите на Судот и да ги исполнува доброволно во духот на Конвенцијата која ја потпишала.

Во врска со изјавата на Петков дека бугарската влада не преговара ништо со амбасадата на САД во Софија во врска со македонското малцинство, треба да се потсетиме на сослушувањето за ангажманот на САД на Западен Балкан на Поткомитетот за надворешни работи за Европа во Претставничкиот дом. Тогаш конгресменката Клаудија Тени кажа дека Бугарија има 16 пресуди од Европскиот суд за човекови права за прекршување човековите права и правото на здружување на македонското малцинство и го праша Ескобар што прави американската влада да осигура дека Бугарија ги исполнува своите обврски како членка на НАТО, во врска со овие прекршувања на човекови права.

„Нашата амбасадорка во Софија, заедно со нејзините европски партнери, работи на терен да осигура дека овие проблеми ќе бидат адресирани. Нашето партнерство со европските партнери е засновано на вредности, не само на заедничкиот интерес, туку и на споделените вредности и сè што ја нарушува таа врска е причина за голема загриженост за нас“, одговори американскиот заменик помошник на државниот секретар, Габриел Ескобар.

Во една од пресудите на Европскиот суд за човекови права (мај 2020) Бугарија е осудена поради повреда на правото за здружување, член 11 од Европската конвенција за човекови права, во предметот „Македонски клуб за етничка толеранција во Бугарија” против Бугарија.

Пресудата е донесена по жалбата поднесена против Република Бугарија согласно член 34 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи од Македонскиот клуб за етничка толеранција во Бугарија, здружение со седиште во Благоевград и претседателот на нејзиниот одбор, Ангел Кирилов Радонов, бугарски државјанин на 10 октомври 2013 година.

„Апелацискиот суд во Софија го засноваше одбивањето да се регистрира здружението на жалители од две основи. Првото беше дека здружението се залагаше за идејата дека во Бугарија постои македонско етничко малцинство, што значеше дека се обидува да се посвети на такво малцинство – бидејќи тоа не постои во реалноста – и така тоа беше насочено против единството на нацијата. Втората беше карактеризирање на целите на здружението како политички и оттука може да ги следи само политичка партија. Во Обединетата македонска организација Илинден и други (бр. 2) и Јордан Иванов и други, за овие основи е утврдено дека не се доволни за да се оправда одбивањето да се регистрираат слично здружение. Овој случај не претставува значителна разлика. Оттука, има повреда на член 11 од Конвенцијата”, заклучува судот од Стразбур.

Судот од Стразбур утврди дека нематеријалната штета претрпена од жалителите заради кршење на член 11 од Конвенцијата може да се покрие со заедничка надомест од 7.500 евра, и имаат обврска да го регистрираат здружението на Македонците во Бугарија.

Македонија е под постојан притисок да ги прифати шовинистичките барања од бугарските власти кои во континуитет не го признаваат македонското малцинство и покрај овие пресуди на Европскиот суд за човекови права. Oсвен тоа Бугарија не го признава и постоењето на македонскиот народ пред 1945 година и на македонскиот јазик. Убедувањето дека само спорот со Грција е пречка за влезот во ЕУ пропаднаа со блокадите од Софија за почеток на преговорите со ЕУ. А и новата бугарска влада не дава никакви сигнали дека може нешто ново да очекуваме, некаков нов почеток како што најавува Петков./www.mkd.mk

Advertisement