Бугарија има рок од 30 дена да го признае македонското малцинство

Прашањето на македонското малцинство и 16-те пресуди на ЕСЧП што треба да ги спроведе Бугарија добија и точна временска одредница, односно до 11 декември Бугарија мора да го признае и да му ги овозможи сите права на многубројното македонско малцинство или ќе биде исклучена од Советот на Европа. Со тоа е испратена јасна порака до официјална Софија дека не може во недоглед да ги дерогира европското и меѓународното право

Официјална Софија доби датум од Европскиот суд за човекови права

Прашањето за македонското малцинство во Бугарија е тема што постојано тлее и се разгорува во македонско-бугарските односи. Оваа тема особено добива актуелност по секоја пресуда на Европскиот суд за човекови права во корист на претставниците на македонското малцинство во Бугарија, поради ноторниот факт дека оваа земја не им дозволува да го ползуваат човековото право на здружување и постојано изнаоѓа начини и оправдувања да го одложува спроведувањето на пресудите. При неодамнешната посета на Македонија, претседателот на Европскиот суд за човекови права, Роберт Спано, во однос на пресудите против Бугарија, потсети дека општото начело е сосема јасно: секоја земја-членка на Советот на Европа е обврзана со конвенцијата да ги спроведува пресудите на судот!

Прашањето што се однесува на спроведувањето и извршувањето на судските одлуки е важно, но треба да потсетиме дека постои јасна разлика меѓу улогата на судот да изрекува одлуки и посебниот оддел на Советот на Европа што врши надзор за спроведувањето. Претседателот на судот не е тој што треба јавно да дава коментари. Меѓутоа, општото начело е сосема јасно, тоа е дека секоја земја-членка на Советот на Европа е обврзана со конвенцијата да ги спроведува пресудите на судот. Во голем број пресуди судот потсетува на ова начело и државата мора да ги спроведе одлуките на судот во духот на конвенцијата – експлицитно, во рамките на своите ингеренции, наведе претседателот на ЕСЧП, Роберт Спано, притоа потенцирајќи дека „таа обврска е недвојбена и јасна“.

Прашањето на македонското малцинство и 16-те пресуди на ЕСЧП што треба да ги спроведе Бугарија станаа дел од комплексноста на ситуацијата создадена со бугарското вето за македонските евроинтеграции, иако официјална Софија сака да го стави ад акта. Меѓутоа, претседателот на ЕСЧП, Спано, нагласува дека независно од „конкретни поединечни чувствителни прашања меѓу две земји во однос на спроведувањето и одредени видови пресуди“, со овој случај се доведува во прашање општата легитимност и авторитет на Судот во Стразбур.

Во таа смисла многу е јасно дека општата легитимност е авторитетот на системот и причината за неговото постоење е кога Судот за човекови права во Стразбур ќе изрече обврзувачка пресуда на поединечна земја-членка. Таа земја-членка со тоа што е потписничка на конвенцијата има направено еден избор, дека ќе се смета за обврзана, тоа е логичкиот тек, меѓутоа како се одвиваат работите во секој конкретен случај треба министерскиот совет да ги обезбеди, а не Судот – посочи претседателот на Европскиот суд за човекови права. Воопшто, за голем број пресуди Судот од Стразбур потсетува на ова начело и државите мора да ги спроведуваат одлуките на ЕСЧП во духот на конвенцијата. Македонскиот адвокат, Тони Менкиноски, застапник на македонските здруженија од Бугарија во некои случаи пред Судот во Стразбур, укажува дека бугарската страна со непостапување според пресудите на ЕСЧП, всушност го дерогира целиот систем на европското право.

Ако не пристапи кон извршување и спроведување на одлуките од пресудите на ЕСЧП во корист на македонското малцинство, односно да им овозможи право на здружување како составен дел од основните човекови права, Бугарија практично го дерогира целиот систем на европско право и правда, за кој е задолжен Судот во Стразбур. А тоа не им било дозволено и на поголеми и помоќни држави, па Бугарија со таквото однесување сериозно си ја загрозува својата позиција во Советот на Европа. Веќе на 11 декември, Комитетот на министри треба на седница да го разгледува извештајот за спроведување на овие пресуди од страна на Бугарија. Доколку констатира дека нема напредок, започнува процедурата на информирање и одлуки меѓу Комитетот на министри и ЕСЧП, за која големи се шансите да заврши со суспендирање на Бугарија од Советот на Европа. На крајот, се чини дека Бугарија сепак ќе биде таа што ќе мора да го менува својот устав и да го усогласи со европските стандарди за почитување на човековите права, односно признавање и почитување на правата на малцинствата во својата земја – вели адвокатот Тони Менкиноски.

За изнаоѓање решение во спроведувањето на пресудите на ЕСЧП за македонското малцинство во Бугарија, во последно време интерес пројавува и САД, па заменик-помошникот на државниот секретар на САД, Габриел Ескобар, изјави дека амбасадорката на САД во Софија со европските партнери работи на решавање на овие проблеми./www.novamakedonija.com.mk

Advertisement