Чарлс Трети – станува 40-тиот британски монарх крунисан во Вестминстерската опатија

Во моментот кога почина кралицата, тронот веднаш и без церемонија премина кај наследникот Чарлс, поранешниот принц од Велс. Како најстар од децата на Елизабета Втора, Чарлс е во редот за тронот веќе 70 години, што е рекорд во кралското семејство. Тој стана монарх на 73-годишна возраст. Но, постоеја голем број практични – и традиционални – чекори низ кои мораше да помине за да биде крунисан за крал.

Кој е Чарлс?

Чарлс е роден во Бакингемската палата на 14 ноември 1948 година. Тој имал 4 години кога мајка му била крунисана како кралица Елизабета Втора.

Се ожени со леди Дијана Спенсер на 29 јули 1981 година во катедралата „Св. Павле“ во Лондон. Од тој брак имаат два сина: принцот Вилијам, роден на 21 јуни 1982 година, и принцот Хари, роден на 15 септември 1984 година.

Нивниот брак заврши на 28 август 1996 година иако принцезата од Велс продолжи да живее во палатата Кенсингтон и да ја извршува својата јавна работа. Леди Дијана загина во сообраќајна несреќа во Париз на 31 август 1997 година.

Симболична врвна точка на пристапување кон тронот ќе биде крунисувањето. Чарлс ќе биде официјално крунисан в сабота, 6 мај.

Во изминатите 900 години крунисувањето се одржуваше во Вестминстерската опатија. Вилијам Освојувачот беше првиот монарх што беше крунисан таму, а Чарлс ќе биде четириесеттиот.

Станува збор за англиканска религиозна служба, која ја спроведува надбискупот од Кентербери. Во кулминацијата на церемонијата тој ќе ја постави круната на свети Едвард на главата на Чарлс – златна круна, која датира од 1661 година.

Ова е централното парче на крунскиот накит на лондонската кула, а монархот го носи единствено во моментот на самото крунисување (тежи 2,23 килограма).

За разлика од кралските свадби, крунисувањето е државна свеченост – владата плаќа и, на крајот, одлучува за списокот на гости.

Ќе има музика, читање и ритуал на помазание на новиот монарх користејќи масла од портокал, рози, цимет, мошус и амбра.

Новиот крал ќе положи крунисувачка заклетва пред очите на целиот свет што ќе ја следи церемонијата. Тој ќе добие топка и жезол како симболи на својата нова улога, а надбискупот од Кентербери ќе му ја стави златната круна на главата.

Advertisement