Честитка по повод Илинден од Националниот совет на македонското национално малцинство во Србија

Во пресрет на нашиот најголем и најсветол празник Илинден, празник кој низ историјата на нашиот народ ние Македонците го прославуваме со гордост и со воздигнато чело, празник кој на целиот васеленски свет ја покажува нашата истрајност, одлучност и снага да го оствариме и сочуваме нашето право на самобитност, особеност, државност, историјски и национален идентитет и интегритет, имам обврска да ве известам дека согласно епидемиолошката состојба со Корона вирусот во Србија и напаствијата од страна на здравствениот кризен штаб на Србија, оваа година празникот Илинден нема да биде обележен на начин како тоа го правевме со години и генерации наназад.

Согласно актуелните пропишани мерки, за кои очекувам дека ќе бидат на снага и на самиот ден 02 август годинава, делегација на Националниот совет, во бројност кој ќе биде дозволен од страна на надлежните, во наредните денови ќе положи свежо цвеќе пред бистата на нашиот револуционер и учител, народниот херој Гоце Делчев, која се наоѓа во склоп на комплексот на истоименото училиште во Јабука и со тоа ќе одаде почит кон нашата македонска револуционерна борба, ќе се поклони на жртвите кој нашиот народ ги поднесе во борбата и стремежот за слободата, а истовремено нема да ги повреди законските пропишани епидемиолошки мерки, нити пак здравствено ќе загрози нечиј живот.

Во име на Националниот совет на македонското национално малцинство би сакал да ги замолам носителите на одлуките во организациите на МНЗ да направат напор и осмислат како и на кој начин да го обележат нашиот најсветол празник Илинден во своите места и во своите организации, истовремено строго почитувајќи ги сите пропишани мерки за пандемијата на вирусот Ковид 19. Убеден сум дека нашите организации, со помош на Националниот совет, како и самиот Совет, сите заеднички ќе успееме да ги спроведеме зацртаните задачи и пректи за оваа година, на начин кој ќе биде примерен на здравствената, односно епидемиолошка состојба во Србија, користејќи алтернативни начини на организирање.

Во името на Националниот совет и во своето лично име, на сите Вас, како и на Вашите фамилии посакувам добро здравје, со молба да се вардите од вирусот, да ги почитувате напаствијата на државата и со желба сите заеднички да ја пребродиме оваа, убеден сум, моментална и проодна здравствена кзриза. Драги сестри и браќа Македонки и Македонци, Нека ни е вечен и вековит нашиот светол празник Илинден! За многу години Македонци! – стои во честитката потпишано од Претседателот на Националниот совет на македонското национално малцинство во Србија, Борче Величковски.