Чествување за загинатите Македонци во Првата светска војна под француско знаме

Коломбел/Кантло, Нормандија, Франција

11 ноември 2021

Денеска Франција на државно ниво го одбележа денот кога беше означено примирјето и победата на Сојузниците над Германија во Првата светска војна. Примирјето кое стапи во сила во Париз и овој историски датум е познат под називот „во 11 часот на 11 ден од 11 месец„ во 1918 година кој ден се смета за капитулација на Германија во Првата светска војна.

Македонската заедница од Франција секоја година полага венец пред спомен-обележјето во Паркот на мирот во Коломбел каде се овековечени/изгравирани имињата на 33 Македонци кои загинале на страната на француската армија во Првата светска војна.

По еден век Франција прва се одважи да ја исправи историската неправда за овие млади македонски војници и досега ова е прв и единствен чин од една учесничка страна во Првата светска војна да оддаде почит кон македонските учесници во таа војна.

Оваа година Македонците беа претставени од г. Богоја Јанчески од здружението „Илинден 1903“ и г. Смиле Петровски од здружението „Заборавени Македонци„ кои заедно со градоначаланикот на општината Коломбел г. Марк Потје положија венци и одржаа говори во сеќавање на младите Македонци кои ги дадоа животите за француската држава.

Градоначалникот Марк Потје од француска и Смиле Петровски од македонска страна подвлекоа дека „паднатите македонски војници од Првата светска војна се симбол на француско-македонското пријателство и нивната жртва е најскапоцентото нешто кое ние денес го имаме: тоа што живееме во мир им го должиме токму на овие млади луѓе„.

Иницијативата за подигнување на спомен-обележје беше покрената во 2017 година пресрет на одбележувањето на 100 години од крајот на Првата светска војна и учество зедоа општината Коломбел од Франција, општината Штајнхајм ам Албух од Германија, општините од кантонот Карнака од Република Нигер и општина Новаци од Македонија.

Спомен-обележјето со имињата на загинатите војници во виорот на Првата светска војна се наоѓа во Паркот на мирот во гратчето Коломбел во Нормандија и испишан е на француски, германски и македонски јазик, официјалните јазици на земјите учеснички во проектот. Проектот почива врз европските принципи и вредности и не ја велича само победничката страна (Франција) туку оддава почит кон сите жртви кои неволно биле инволвирани во воениот конфликт и затоа тука е вклучена и Германија како страна која ја изгубила војната.

Во Првата светска војна, за жал, Македонците беа мобилизирани во различни завојувани војски на Македонскиот (Солунскиот) фронт и во битките на Кајмакчалан згаснаа голем број на млади македонски животи кои насилно беа мобилизирани во други војски, но досега за нив нема подигнато ниедно спомен-обележје што ќе потсетува на тие жртви.

Македонската заедница од Франција преку проектите на здружението „Заборавени Македонци„ ги охрабрува и поттикнува и другите учесници во Првата светска војна (пред сѐ Србија и Бугарија) да го следат примерот на Франција и да покажат храброст и направат напори на сличен начин да бидат овековечени имињата на сите Македонци кои насилно биле мобилизирани во нивните војски претворајќи го Македонскиот (Солунскиот) фронт во „кланица на македонската младост„ и најсуров приказ за бесмисленоста од воените конфликти кои го опустошија Балканскиот полуостров со последици кои се чувствуваат и ден-денес – повеќе од еден век од тие немили настани.

Имињата на загинатите Македонци од општина Новаци чии имиња се изгравирани на споменикот во Коломбел во Франција.

Пишува: Георги Гоце Дуртаноски

Здружение „Заборавени Македонци„ – Париз

Фотографии: фото-служба на општина Коломбел (Нормандија), С.Петровски, Б.Јанчески,Г.Г.Дуртаноски

 

Advertisement