Претседателот на Сојузот на националните малцинства на Република Српска, Фрањо Ровер, Зоран Митровски, претседателот на КД Македонци „Вардар“ и Младен Луниќ, претседателот на Здружението на Словенците „Триглав“ РС Бања Лука на 24 април 2023 година освариа средба со Делегација на Советодавниот комитет на Рамковната конвенција, во просториите на Сојузот на националните малцинства на Република Српска.
На средбата се разговараше за Петтиот извештај за законодавни и други мерки за спроведување на принципите утврдени во Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства, која се однесува на периодот 2016-2020 година. Гореспоменатиот Извештај беше усвоен од Босна и Херцеговина и доставен до Советот на Европа во 2020 година.
Делегацијата на Советодавниот комитет ја сочинуваа Александра Кастро од Португалија, Клаус Појер од Австрија и Бен Фриман, претставник на Секретаријатот на Рамковната конвенција.
Претставниците на Советот на Европа, пред се, беа заинтересирани за тоа со какви проблеми и предизвици се соочува секое од малцинствата во Република Српска, особено во областа на образованието, финансирањето на активности и проекти на националните малцинства, застапеноста во медиумите, односите со конститутивни нации итн.
Исто така, се зборуваше за институционалната и законодавната рамка за активностите на националните малцинства, организацијата и примената на правата во пракса, а членовите на комисијата беа информирани и за работата на здружението.
По посетата на релевантните институции на Босна и Херцеговина, Република Српска и Федерацијата Босна и Херцеговина и на локално ниво, како и на невладините организации кои се занимаваат со прашања на националните малцинства, делегацијата на Советодавниот комитет ќе состави мислење и препораки врз основа на собраните информации, кои ќе бидат доставени до властите во Босна и Херцеговина.