Човекот што ја направи Македонија подобро место за сите луѓе

„Да не мислат, дека јас и моите другари сме совршени. Да видат, дека секој може да биде како мене, како нас. Само желба, искреност и упорност е потребно. Дури и да грешел некој некогаш, денес, има ли искреност и силна желба да се служи предано и самопожртвувано – сѐ друго е минато, изживеано, и ние сме го изживеале и изживуваме“, Гоце Делчев

Во деновите кога се одбележуваат 152 години од раѓањето на великанот Гоце Делчев (недела, 4 февруари), да не заборавиме дека тој, со сите свои суштествени својства, ја направи Македонија подобро место за сите луѓе. Се вели дека луѓето се херои кога со своите мали и големи дела влијаат врз општеството, нацијата или државата. Но не смееме да заборавиме дека вистинскиот херој е секојдневната личност што им помага на оние луѓето што не можат да си помогнат себеси, токму таков човек беше Гоце Делчев!

Крвта на македонскиот народ е скапа!

Во македонската национална меморија Гоце Делчев останува запаметен како апостолот, волјата на револуционерна Македонија и апологетот на македонската револуционерна идеја. Споменатите епитети не се случајни бидејќи во текот на една деценија Делчев беше главниот проповедник, двигател и бранител на македонските интереси и особености. Особено е интересна неговата средба со генералот Данаил Николаев, кој останува запаметен како аѓутант на бугарскиот кнез Фердинанд Први и кум на неговиот син Борис, идниот бугарскиот цар.

Средбата се одржала во февруари 1896 година, кога поради одредени сплетки на бугарскиот двор, генералот Николаев бил избран за претседател на Врховниот македонски комитет. На спомената средбата, генералот побарал Македонската револуционерна организација (МРО) да му се потчини на комитетот од Софија велејќи: „Значи вие, младичок, сметате дека македонското население е способно да се бори, да подига револуција? Детски работи прикажувате, вие, момок! Тоа е ропско население.

Вашите планови јас не можам да ги прифатам, ниту сакам да ги слушам. Каква организација Вие сметате да создадете таму? Револуционерна? Внатрешна? Македонска? Глупости! Глупости! Глупости! Има само една организација, тоа е Врховниот комитет. Јас Ви гарантирам дека кога ќе му дојде времето, ќе поведам 20-30 илјади резервни војници. Со мене се офицерите. И тогаш ќе подигнеме востание во Македонија и ќе ја ослободиме. А со селани, со селани ништо сериозно не може да се направи. Тие се робје“.

На оваа реторика, Гоце одговорил: „Не ние, ние не сме согласни со тоа, што го мислите Вие за Македонија. Ние, знаете кој сме ние: селаните, македонското население, народот. Ние не можеме да правиме политика, ниту пак ќе дозволиме на други да прават политика со Македонија. Нашата борба, тоа е за нас живот или смрт. Ние нема да дозволиме други да решаваат дали да живееме или да умреме и кога. Кога ќе се подига востание, ќе реши народот. Нема да оставиме да ни командувате од овдека, за да нѐ внесете, како што се обидовте лани, во игра на востание. Сега една таква авантура може да биде страшна и крвава, зашто населението, народот е повеќе возбуден и делумно вооружен. Тој може да се предаде на измамата, а тоа ќе чини реки од крв и планини од трупови. Ние нема тоа да го дозволиме. Не, крвта на народот е скапа и не сакаме трупови, туку сакаме ослободување, а живиот народ сака да живее и да расте“.

Гоце веруваше дека човекот е креација на добрината!

Но кој бил Делчев како личност? Многумина негови пријатели и блиски соборци посочуваат дека македонскиот великан се одликувал со почит, учтивост, одговорност, трудољубивост, чувство за праведност и слобода, упорност, емпатија, обѕир, дарежливост, великодушност, скромност, морална чистота итн.

Постојат многу случки и настани од Гоцевиот живот што го потврдуваат напишаното, особено е интересно Гоцевото искажување пред Климент Шапкарев (македонски револуционер, син на истакнатиот фолклорист Кузман Шапкарев и соработник на Делчев). Во една дружба со Шапкарев, македонскиот великан нагласил: „Нека видат, нека знаат, дека и јас сум како и останатите луѓе. Јадам, пијам, пушам, прикажувам, се смеам, се шегувам, грешам, сакам да слушам музика и сѐ како и другите. Да не мислат, дека јас и моите другари сме совршени. Да видат, дека секој може да биде како мене, како нас. Само желба, искреност и упорност е потребно. Дури и да грешел некој некогаш, денес, има ли искреност и силна желба да се служи предано и самопожртвувано – сѐ друго е минато, изживеано, и ние сме го изживеале и изживуваме“.

Во контекст на ова искажување, Шапкарев дополнува дека Гоце „веруваше дека човекот е креација на добрината, дека секој човек, длабоко во душата има кристално бистри зрна, честичка од божественото во природата“.

Со своите својства, особености и вредности, Гоце ги пленел пријателите, но и непријателите. Потврда за ова е и искажувањето на османлискиот истражител Дервиш ефенди, кој во една пригода нагласил: „Кажете му на тој чудесен јунак дека сакам да го видам и да му се поклонам: ние сите, од царот до последниот заптија одамна сме заморени, само тој не се уморува“.

Гоцевата личност се одликува и со уште една суштествена особина, одбивност кон политикантството и заткулисните игри. Затоа активностите во оваа насока му ги доверил на Ѓорче Петров, но Гоце бил спокоен затоа што верувал дека неговиот другар Ѓорче со цврста принципиелност, сила дијалектика и вештина, е способен да ги искористи благопријатните услови во полза на македонското дело.

Искажаната одбивност се забележува и во коресподенцијата на Гоце Делчев. Во писмото испратено до Никола Малешевски, од 4 мај 1897 година, Гоце пишува: „Тешко му е човек да има работа со шарлатани, какви што се овдешните управници; тешко и нам, што нуждата нѐ натерала да бараме помош од нив; но што да се прави, давеникот се фаќа и за сламка. Го знам тоа дека власта е симбол на измама, насилство и грабеж, но ти велам, нашата потреба диктирала да се обрнеме кон такви политички камелеони. Ми пишуваш да ти телеграфирам да заминеш во Софија, за да се забрза праќањето. Знај дека си бессилен пред нивните насмевки (скриени подбиви) и пред нивните голи ветувања; ќе се вратиш побос отколку што си бил пред тоа. Нечесна работа, нечесна работа, нечесна работа – ете ти се. Ете тоа е мојот одговор, тоа се зборовите, кои, наместо по телеграфска жица, би сакал да минат низ твоите чувствителни жици и да се отпечатат во твојата душа под наслов: гони ги управниците, мрази и востанувај против секој владетел“.

www.novamakedonija.com.mk/Далибор Станковиќ

Advertisement