Црногорската заедница во Албанија го одбележа Денот на државноста на Црна Гора (ВИДЕО)

Заедницата на Црногорците во Албанија, со конференција во Елбасан, го одбележа 13 јули, Денот на државноста на Црна Гора. Претседателот на Здружението, Маринко Цулафиц истакна дека 13 јули е најважниот датум во црногорската историја, затоа што на тој ден на Берлинскиот конгрес во 1878 година Црна Гора се стекна со независност како 27-та земја во светот.

„После Првата светска војна, во 1918 година, Црна Гора, иако даде огромен придонес во војната од страната на сојузниците, ја изгуби својата независност и стана дел од новата држава на Срби, Хрвати и Словенци, која во 1929 година стана Југославија“, рече Цулафиц.

Тој потсети дека на 13 јули 1941 година црногорскиот народ прв се крена против италијанските окупатори во поробената Европа и даде клучен придонес за ослободување на братските народи на Југославија од фашизмот – рече Цулафиц на конференцијата.

Како што изјави тој, на седницата на АВНОЈ во 1943 година во Јајце, на која присуствуваше и Народниот херој на Албанија Васил Шанто во име на Комунистичката партија на Албанија, беа поставени нови темели на социјалистичка Југославија „и Црна Гора стана една од шесте единици на Југославија“.

Таа одлука, рече Цулафиц, беше потврдена на Народниот антифашистички конгрес на Црна Гора, што се одржа во Колачин на крајот на 1944 година.

„Особено ќе истакнам дека на тој конгрес учествувал и мојот дедо Милован Татко Цулафиц, кој ги извршил најважните функции во војната и по војната во Црна Гора, се до 1948 година, кога застана на страната на Сталин, против Тито“, рече Цулафиц.

Според него, победата на Црна Гора и Југославија во Втората светска војна над фашизмот и стекнувањето статус на Република во рамките на новата Југославија, доведоа до конечно враќање на државноста на референдумот на 21.05.2006 година.

„Денес Црна Гора е стабилизирачки фактор и локомотива на европските интеграции во Западен Балкан“, рече Цулафиц.

Тој на конференцијата ги посочи многу добрите односи меѓу црногорскиот и албанскиот народ и придонесот на националните малцинства од обете страни „и кои се мост на соработка меѓу Албанија и Црна Гора“.

„Албанскиот и црногорскиот народ живееја рамо до рамо со векови и милениуми и имаат заеднички светец, Свети Владимир, кој е врската меѓу нашите народи. Свети Владимир е заштитник на градот Елбасан, а за денешна Црна Гора тој е светец и кнез на Дукjaа “, додаде Цулафиц

Тој им се заблагодари на гостите за искажаната почит и присуството на одбележување на најважниот датум на црногорскиот народ и црногорската дијаспора насекаде во светот.

На конференцијата присуствуваа претседателот на Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) и пратеник во албанскиот парламент, Васил Стерјовски, ректор на Универзитетот во Елбасан Скендер Топи, митрополит на Елбасан, Спат и Либражде Андон Мердани, како и потпретседател на Демократската партија за Елбасан, Замир Музаци.

Advertisement