Да се изјасниш како Македонец во бугарски попис е „невозможна мисија“

Посебна графа „Македонец“ немало на ниту еден попис, па нема ниту сега. Има само три народности: Бугари, Турци, Роми и посебно графа „Други“, каде што теоретски би требало сам да ја одредиш народноста. Но, многу често луѓето се попишувани без нивно присуство или им се менува исказот.

Не може да се знае колку Македонци денес живеат во Бугарија затоа што тие на актуелниот попис не можат слободно да ја изразат својата етничка припадност, вели Стојко Стојков, копретседател на ОМО „Илинден Пирин“, партијата на Македонците во Бугарија, која сѐ уште е нерегистрирана и покрај пресудите на Европскиот суд за човекови права.

За Македонците нема посебна графа и тие имаат можност да се изјаснат под графата „Други“, но притоа имаат многубројни опструкции и проблеми, а често завршуваат попишани како Бугари.

По 1956 година во Бугарија секојпат било предизвик и проблем да се попишеш како Македонец на пописот. Официјалната политика според која „македонско малцинство во Бугарија нема и не може да има“ се одразува на сите пописи во последните 60 години. Посебна графа „Македонец“ немало на ниту еден попис, па нема ниту сега. Има само три народности: Бугари, Турци, Роми и посебно графа „Други“, каде што теоретски би требало сам да ја одредиш народноста. Но, многу често луѓето се попишувани без нивно присуство – се земаат личните податоци и потоа ги попишуваат како ќе решат попишувачите, што значи дека во сите такви случаи Македонци нема да има – вели Стојков за „Слободен печат“.

 

Дури и кога е со лично присуство, објаснува Стојков, многу често луѓето не ги прашуваат за нивната народност, туку директно ги пишуваат Бугари.

Треба да инсистирате попишувачите да ве запишат Македонец и тие често спорат со вас и се стремат да ве убедат дека не треба да се прави тоа или ги манипулираат понеупатените дека тоа е невозможно затоа што таква графа нема, или пак, директно им кажуваат дека таква народност не постои, па одбиваат да ги попишат Македонци. Дури и да успеете да се попишете Македонец, понатаму нема никаква контрола, не се потпишувате никаде и вашиот пописен лист може лесно да се смени потоа со друга определба. Сме имале такви случаи во минатото. Кога на тоа ќе ја додадете грозната антимакедонска атмосфера создадена преку медиумите, јасно ви е дека повторно нашиот број ќе биде минимизиран. На последниот слободен попис кога можело слободно да се изјасниме, во 1956 година имаше 187.000 Македонци, а потоа на другите пописи нѐ десеткуваа. Најмногу Македонци има во Пиринска Македонија. Колку се? При такви пописи, само Господ знае – вели Стојков.

На последниот попис во Бугарија во 2011 година како Македонци се пребројани 1.654 лица. Претходно, на пописот во 2001 година биле 5.071, а во 1992 година 10.803. Најмногу Македонци биле пребројани во 1956 година – 187.789, а веќе на следниот попис во 1965 година, под влијание на репресивниот комунистички режим на Тодор Живков, нивниот број паднал на 9.632.

Официјално Скопје, во согласност со Договорот за добрососедство, не се меша во начинот на кој Бугарија го третира и попишува македонското малцинство, а од друга страна официјална Софија постојано бара да се почитува слободното право на самоопределување на Бугарите во Македонија, а бара и да влезат во Уставот. Бугарскиот претседател Румен Радев тврди дека повеќе од 100.000 граѓани на Македонија имаат и бугарско државјанство. Сепак, на пописот во Македонија во 2002 година како Бугари се изјасниле 1.417 лица, а на претходното пребројување во 1994 година – 1.682. Најмногу Бугари се попишани во 1971 година, 3.334 лица, а на пописот по Втората светска војна во 1948 година биле 889.

Техничката влада на Бугарија деновиве одлучи да го продолжи рокот за пописот до 10 октомври, со цел да им се обезбеди неопходно време на попишувачите да ги завршат активностите и да ги соберат сите потребни информации. Досега се пребројани над 4 милиони луѓе и тоа електронски и со попишувачи.

Во Бугарија нема волја за деблокирање на преговорите на Македонија за членство во ЕУ, а во последнава изборна година перцепцијата на бугарските политичари за односот кон нас и начините како да се изгради вистинско добрососедство се смени на полошо – оценува Стојков. Перцепцијата се влоши, а постојаниот говор на омраза против Македонија и Македонците ги отру и обичните луѓе. Перцепцијата за тоа како да се гради добрососедство е истата, преку насилство над Македонија. Градењето љубов се сака да се постигне преку силување – вели копретседателот на ОМО „Илинден Пирин“./www.slobodenpecat.mk

Advertisement