Дела на Прокопиев, Лафазановски и Трајкоски објавени во Албанија

Во издание на реномираната албанска издавачка куќа „Фан Ноли” од Тирана, деновиве излегоа од печат преводите на книгите „Човечулец” на Александар Прокопиев и „Храпешко” на Ермис Лафазановски. Минатата година во издание на „Фан Ноли” излезе и романот „Неверство” на Дејан Трајкоски. Овие дела досега имаат десетина преводи на балкански и светски јазици.

Книгата „Човечулец: Бајки од левиот џеб” оригинално е издадена од „Магор” во 2011 година, а во 2012 година ја доби книжевната награда „Балканика”. Преводот на албански го направи Џими Лазри.

Бајките за возрасни се тест на зрелоста, прифаќање на вечните вредности надвор од светот на егоизмот, заблуденоста и заглупеноста. Го отсликуваат животот во неговата бескрајна непредвидливост, во реалноста и фантазиите, сонот и јавето. Секој треба да го открие својот пат кон сопственото значење, откривајќи го повторно, на зрел начин, значењето на љубовта, моќта на доброто, како и уживањето во вечната игра на креативноста. „Човечулец” е веќе објавена на: англиски, српски, полски, турски, хрватски, арапски јазик и  на други јазици.

„Храпешко” на Ермис Лафазановски беше претставник на Македонија за наградата „Балканика” во 2006 година, а веќе е преведен на хрватски, словенечки, српски и на француски јазик. Преводот на албански го направи Џемиле Зукај.

Хуморескно, меѓутоа воедно и сериозно авторот раскажува за згодите и незгодите на главниот лик Храпешко, за умешноста на создавањето и преживувањето, за копнежите и соништата, за животната енергија и љубовта, за животот во татковината и во странство.

Вториот роман на Дејан Трајковски „Неверство” е објавен во 2014 година, а досега е преведен на англиски, ерменски, арапски, српски јазик.

Advertisement