
Во соработка со Националниот демократски институт, пратеници – членови на Управувачкиот совет од Парламентот во Албанија учествуваа на студиска посета со членовите на Управувачкиот совет на Парламентарниот институт во службата на Собранието на Македонија. Целта на посетата беше размена на искуства со основањето и развојот на Институтот, начинот на функционирање, квалитетот на услугите, одлучувањето, како и за надзорот и стратешките насоки.
Претседавачот со Управувачкиот совет на Парламентарниот институт во Собранието, потпретседателот на Собранието, Горан Мисовски, ја поздрави одлуката на Албанскиот парламент за формирање на Парламентарен институт, посочувајќи на значајноста за парламентите да имаат објективни извори на информации за да се донесуваат информирани одлуки и да се има аргументирана дебата, и на важноста од соработка помеѓу опозицијата и мнозинството, за да го сфатат Институтот и неговите услуги како заеднички проект и институционално јакнење на законодавната власт.
Дополнително, генералната секретарка на Собранието, Цветанка Иванова, како член на Управувачкиот совет, и во минатото основач и член на првиот Управувачки совет на Парламетнарниот институт, ја поздрави можноста да се разменуваат искуства за успешен проект во Собранието, за важноста од објективни информации за сите пратеници без политичко влијание од мнозинството, презентирајќи детали за финансиското управување и политиките за задржување на вработените.
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden