Денес се празнува Св. Јован Крстител

Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 29 август. Денеска е Отсекување на главата на Св. Јован Крстител. Во времето кога Јован проповедаше во Палестина, во Галилеја владееше Ирод Антипа, еден од синовите на оној Ирод што насекаде се прослави со својот расипан карактер. Овој наследи некои особини од татко му, па ја избрка својата законита жена и живееше незаконито со Иродијада, жената на својот се уште жив брат Филип. Јован отворено и пред целиот народ го прекоруваше и го разобличуваше за тоа, па Ирод го затвори. Во една прилика Ирод приреди гозба во својот дворец. Ќерката на Иродијада, Саломија, го восхити Ирода со својата страствената игра на гозбата, така што овој замаен од пиењето и вети се што ќе посака. Саломија, поучена од мајка и, која не можеше да му го прости јавното разобличување на Јована, ја побара главата на пророкот. Ирод нареди и Јован беше обезглавен. Иродијада продолжи да се изживува над мртвата Јованова глава и го избоде неговиот јазик со игли. Подоцна еден дворски слуга чесно ја закопа главата на свети Јован Крстител. Наскоро злосторниците ги снајде заслужената казна. Првин кнезот Арета, таткото на законитата Иродова жена, подигна војска и го порази Ирода, а подоцна цезарот Калигула го протера во Галија, па во Шпанија, каде Ирод и Иродијада ги завршија своите неславни животи во беда и понижување. Саломија, пак, ја снајде лоша смрт во реката Сикорис. Познатото македонско древно светилиште „Свети Јован Крстител“, попознат како Бигорски манастир, го одбележува Отсекувањето на чесната глава на неговиот славен патрон и небесен застапник, великиот пророк, претеча и крстител Господов Јован.

Бигорската обител упати покана за достоинствено и со почит одбележување на патронот, како и строго почитување на мерките за заштита од Ковид-19. Се замолуват сите поклоници и посетители совесно да се придржуваат до сите пропишани мерки за здравствена заштита и превенција од коронавирусот, односно задолжително да носат заштитна маска, да користат средство за дезинфекција и да го запазуваат потребното физичко растојание. Славното Бигорско светилиште, кое низ вековите било гордост на нашите претци и столб на нивната православна вера и самобитност, особено за жителите на овие краишта, и денес со истата ревност продолжува да сведочи за евангелската Вистина и да ја јакне верата меѓу народот. Затоа да ја покажеме и ние должната почит кон Светиот Јован Крстител и нашата пожртвувана љубов кон неговото вековно светилиште, стекнувајќи го на тој начин благословот на светиот претеча. Ја имаме големата чест и радост, во името на Христовиот пророк и крстител, да ги поканиме сите благочестиви православни христијани да се присоединат кон неговото големо торжество, бидејќи тој, во денот на својот најголем празник Усекновение, е особено благодатно присутен и преку својата славна и чудотворна бигорска икона ги слуша и исполнува молитвите на оние коишто со љубов и вера го повикуваат; тоа е денот кога „најголемиот меѓу родените од жена“ ја излева својата од Бога добиена благодат врз сите коишто ревносно го чествуваат неговиот спомен. И кога секој човек неизмерно се радува кога ќе биде посетен од своите драги пријатели на денот на својата свеченост, тогаш колку ли, пак, повеќе Светиите Божји ги милуваат оние кои ги чествуваат! Молитвите на Свети Јован Пророк, Претеча и Крстител, да бидат со сите нас!, стои во поканата од бигорската обител.