Денеска е Свети Наум Охридски просветител на македонскиот народ

Свети Наум Охридски Чудотворец (830 – 23 декември 910) – средновековен научник, писател, учител и еден од основоположниците на сесловенската и македонската писменост и просвета. Свети Наум потекнувал од богати и побожни родители, а поради љубовта кон христијанството, се откажал од наследството и се замонашил. Тој бил најмладиот ученик на светите солунски браќа Македонците Кирил и Методиј. Со нив, тој учествувал во Моравската мисија, а го ширел христијанството и во Панонија, Девол, Илирик и други краишта. По завршувањето на Моравската мисија, заминал во Охрид, каде му се приклучил на Свети Климент во работата на Охридската книжевна школа.

Свети Наум Охридски Чудотворец бил еден од основачите на Преславската книжевна школа, каде работел како учител од 886 до 893 година. Како еден од најдаровитите ученици на светите браќа Кирил и Методиј, во 893 година, кога Климент бил назначен од цар Борис I за словенски епископ во Велика, на неговото учителско место во Кутмичевица бил назначен Свети Наум Охридски, кој раководел со Охридската школа во текот на седум години, а во 900 година се повлекол во манастирот посветен на Свети Архангел Михаил. Во манастирот, Свети Наум собрал големо монашко братство.

Познато е дека се занимавал со литературна дејност, но неговите текстови сè уште не се идентификувани. Од двете кратки житија, напишани на црковно-словенски јазик, се гледа дека бил голем учител, просветител, се разбирал во народната медицина и толерантно ги водел црковните работи. На Свети Наум Охридски му се припишуваат делата: Канонот за апостолот Андреј, и Канонот за пренесување на моштите на Јован Златоуст. Свети Наум Охридски Чудотворецот починал на 23 декември 910 година, во манастирот “Свети Наум“, на возраст од 80 години и бил погребан лично од Свети Климент во манастирската црква. Набрзо по смртта, Наум бил канонизиран за светец, поради чудата кои се случувале на неговиот гроб и во манастирот, а култот за него започнал да се шири во Македонија, Албанија и Грција.

Во посланието на Охридскиот Архиепископ Јосиф од 21 мај 1740 година се вели дека “чудата и благодетите на Свети Наум биле побројни од ѕвездите на небото“. Сепак, првите легенди и преданија за неговите чуда биле објавени во втората половина на 19. век. Во 1925 година, српскиот епископ во Охрид, владиката Николај, издал книшка со триесет чуда, преданија и кажувања за Светиот Наум, пишувајќи дека “Свети Наум е почитуван и живее како опомена и совест во душите на луѓето“. Во една легенда се вели дека охридскиот цар му го изградил манастирот на Свети Наум, додека во друга легенда, запишана од Бранислав Нушиќ, се вели дека манастирот бил царски дворец кој Свети Наум го добил како подарок за излекувањето на царската ќерка.

Advertisement