
За православните христијански верници кои се водат според јулијанскиот календар денеска започнува шестнеделниот божикен пост. Постот ќе трае 40 дена, односно до Божик, 7 јануари, денот на раѓањето на Исус Христос. Бидејќи датумот на Божик не се менува, постот секоја година почнува на 28 ноември, а завршува на Бадник, 6 јануари.
Овој период служи за духовна и телесна подготовка за претстојниот празник. По должината на траење, божикниот пост е веднаш зад велигденскиот.
По однос на правилата за исхрана, тој се смета за поблаг, бидејќи во одредени денови се дозволени вино, масло и риба.
Правилата на воздржание, пропишани од Црквата во Божикниот пост се исто како и за Петровденскиот пост. Јасно е дека во времето на постот се избегнуваат месото, путерот, млекото, јајцата, сирењето. Освен тоа, Уставот вели дека во понеделник, среда и петок во Божикниот пост не се јаде риба, вино и масло и дозволено е само примање на храна без масло. Во останатите денови – вторник, четврток, сабота и недела разрешена е храна со растително масло. Рибата за време на Божикниот пост се разрешува во саботните и неделните денови, како и на големите празници.
Суштината на постот е духовно и телесно прочистување. Тоа не подразбира само воздржување од мрсна храна, туку и контрола над мислите, зборовите и постапките.
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden