Денови на македонската поезија по 29-ти пат во Шведска

 

Традиционалната културна манифестација „Ден на македонската поезија во Шведска“ денеска ќе се одржи по 29-ти пат во Гетеборг. Годинава, ќе биде промовиран поетскиот зборник „Калемење на светлината“ кој содржи песни од членовите на поетското друштво „Дениција“ со седиште во Гетеборг. Станува збор за двојазично македонско-шведско издание, објавено неодамна со поддршка на Агенцијата за иселеништво на Република Македонија, а издавач е „Златно перо“ од Битола.

На поетското читање ќе настапат дваесетина поети, а меѓу гостите кои ќе ја проследат програмата најавено е присуство и на амбасадорка Мира Крајачиќ.

Амфитеатрлната сала во Градската библиотека во Гетеборг нуди одлични услови за поетско читање, а и годинава се надеваме на добар одѕив и посветеност од страна на љубителите на литературната уметност, вели Ивица Челиковиќ, секретар на Македонскиот сојуз во Шведска.

Меѓу учесниците во програмата, освен авторите по потекло од Македонија кои живеат во Шведска, ќе настапат и повеќемина поети од други националности, меѓу кои и неколку членови на Писателскиот центар во Западна Шведска.

За денеска е планирано да се одржи и годишно собрание на Македонското поетско друштво „Дениција“. Идната година, Деновите на македонската поезија во Шведска ќе го прослави својот тридеценски јубилеј, како единствена поетска манифестација од ваков вид во редовите на македонската дијаспора во овој дел на Европа.