
Денес одбележуваме десет години од смртта на Лиана Думитреску, Македонка, голем македонски активист во Романија. Лиана Думитреску е родена на 20 јануари 1973 година во Крајова, Романија, во македонско семејство. Во 1996 година дипломирала на Правниот факултет при државниот Букурешки универзитет.
Лиана Думитреску ќе остане запаметена како романска политичарка, во два мандати пратеник од Македонската заедница во Романија во Долниот дом на Романскиот Парламент. Покрај пратеничкиот мандат, ја извршувала и функцијата потпретседател на Друштвото на Македонците во Романија и во секоја пригода ги нагласувала своите македонски корени. Починала од срцев удар на 27 јануари 2011 година и погребана е на градските гробишта во Унгурени.
Во 2009 година со одлука на 29. Генералното Собрание на Светскиот Македонски Конгрес Лиана Думитреску е прогласена за Македонски сенатор кое претставува највисоко семакедонско признание – највисока семакедонска почесна титула. Во 2011 година од претседателот на Република Македонија постхумно е одликувана со Орденот за заслуги за Македонија. Делегација на Светскиот Македонски Конгрес денес запали свеќи во Соборниот храм “Свети Климент Охридски“ во Скопје за помен и спомен на Лиана Думитреску.
Лиана Думитреску е длабоко всадена во нашите срца и души. Запаливме свеќи во Соборниот храм “Свети Климент Охридски“ во Скопје во името на Светскиот Македонски Конгрес и Македонците од целиот свет. Светскиот Македонски Конгрес во 2009 година ја прогласи за Македонски сенатор, највисока семакедонска почесна титула. На семинарот за македонски јазик во Охрид се заблагодари на честа и вети дека ќе ја прими плакетата во друга свечена прилика. За жал, не ја дочека. Лиана Думитрску учествуваше во работата на Генералното собрание на Светскиот Македонски Конгрес и ќе остане запаметена во светското македонско движење како борец за македонските работи. Вечна и’ слава и благодарност за се’ што стори за Македонците во Романија и светот, – изјави претседателот на Светскиот Македонски Конгрес, Тодор Петров.
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden