Димитар Цанко (1814 – 1904) е македонски просветен деец од Бобоштица, Корчанско 

Димитар Цанко (1814 – 7. X.1904) е македонски просветен деец од XIX век во Корчанско. По завршувањето на образованието, работи како учител во родното место се до својата смрт. Меѓу населението бил познат како „Даскало“. Познавал повеќе јазици меѓу кои: својот македонски, старогрчкиот, новогрчкиот, албанскиот, романскиот и по малку францускиот јазик. Иако пишувал на грчки јазик или преведувал со грчко писмо, заради неговата преведувачка дејност, посебно на евангелието, како и борбата против елинизмот, дејноста на „Даскалот“ ја споредуваат со преродбенската активност на Димитар Миладинов.

Димитар Цанко е роден во 1814 година во големото корчанско село Бобоштица (денес во Албанија). Детството го поминува во родното село. По основното образование, Димитар Цанко завршил и гимназија во Константинопол, каде се стекнал со широко образование. Освен својот мајчин македонски јазик, говорел повеќе јазици меѓу кои: старогрчки, новогрчки, албански, романски и по малку францускиот јазик, кој го научил во Константинопол.

Еден дел од својот младешки живот Цанко живее и работи во Романија, каде голем број на Бобошчани кои бегаат од неповолните општестено-политички и економски услови во земјата, наоѓаат свое засолниште. Во Букурешт Бобошчани формираат свое друштво „Fratia de Bobosceni din Macedonia“.

На триесетгодишна возраст, Димитар Цанко се вратил во родното место каде станал учител. Учителствувал се до својата смрт, а кај народот станал познат како „Даскалот“. Активно се вклучил во борбата против Цариградската патријаршија иако своите спомени ги пишува на грчки јазик. Со оглед на неговите преводи од грчки на месниот македонски говор, особено евангелието, се смета дека неговото книжевно-просветно дело може да се спореди со преродбенската дејност на Димитар Миладинов, како и на други македонски преродбеници.

Еден од примерите за неговата активност против елинизмот, претставува писмото од 1873 година до егзархот Антим во Стамбол, кое Димитар Цанко го составува од името на своите соселани и свештениците. Писмото кое е потпишано од црковни лица и 17 мирјани, жители на Бобоштица, Цанко го напишал со грчко писмо на бобошчански народен говор. Во писмото покрај краткиот опис на селото, чие населението како изгубена евангелска овца се наоѓа среде арнаутлукот, се претставени и историските околности во кои селото станало царски имот, како и тоа кога половина жители избегале во Романија. Исто така, во него тој ја истакнува желбата на Бобоштани да го откупат селото, по одлуката на султанот Абдул Азис да ги продава “имљаците”. Оттука тие од егзархот бараат парична помош за таа цел.

Во наредната 1874 година, Бобоштица се ослободиле од „имљакот“. По тој повод Димитар Цанко одржал поздравен говор од кој е сочуван фрагмент. Текстот е пишуван со грчки курзив и е ист со правописот па колективното писмо до егзарх Антим од 1873 година. Самата содржина се надоврзува на претходно споменатото писмо до егзархот, при што во овој случај се предаваат попластични претстави за животот на македонското население.

Димира Цанко зад себе ќе остави пишани спомени кои ја расветлуваат историјата и битот на тој крај. Тие претставуваат драгоцен извор за социолошките, духовните и воопшто за културните сфаќања во овој крај. Во нив, тој ги коментира поважните настани од последните векови и дава значаен материјал од две народни преданија. Тој пишува за настанувањето на Бобоштица и Дреновене од времето на Кралот Марко, како и за старата селска црква Св. Јоан. Исто така, дава значајни податоци и за исламизацијата и за албанизирањето на населението во Корчанскиот крај.

Во текот на својот долг и плоден живот, Димитар Цанко бил иницијатор и за превод на изборното евангелие од грчки на народен македонски говор. Преводот бил изведен за да се користи во неделната славјанска богослужба во манастирот Св. Богородица и во Св. Никола. Целиот кодекс содржи 47 листови, во кои се претставени три делови, а секој дел е самостоен според содржината, со исклучок на  текстот од евангелието на Матеј.

Првиот дел кој го пишувал Димитар Цанко е најголем и се состои од 25 листови, додека вториот е пишуван од поп Теодор Икономо, а третиот дел е пишуван од три анонимни пишувачи. Корчанско или Бобошчинско евангелие се применувало околу 30 години, или од 1880 до 1909 година. Всушност, се мисли дека потекнува од 1880 година, односно, дека тогаш бил завршен преводот, а не се исклучува можноста дека ракописот почнал да се преведува порано. Јазикот на преведениот текст е местниот говор на Бобоштица, а еден дел кој го пишуваат непознати раце има карактеристики на друг македонски дијалект, конкретно на нестрамскиот говор. Димитар Цанко умира на 7 октомври 1904 година.

Advertisement