Двајца ирански дипломати се протерани од Албанија

Албанија ги прогласи за непожелни иранските дипломати во Тирана, рече в.д. министер за надворешни работи на Албанија, Гент Чакај. Тој на својот фејсбук-профил наведе дека иранските дипломати Мохамад Али Арц и Сеид Ахмад Хосеини се прогласени за непожелни.

„Министерството за европски и надворешни работи денес донесе одлука дипломатските претставници на амбасадата на Исламската Република Иран во Албанија, Мохамед Али Арц и Сеид Ахмад Хосеини, да бидат прогласени за непожелни поради извршување активности што не се компатибилни со нивниот статус и принципите на Виенската конвенција за дипломатски односи“, напиша Чакај.

Тој додаде дека двајцата претставници на Исламската Република Иран треба веднаш да ја напуштат територијата на Албанија.