Двајца мртви во терористичкиот напад во Лондон (ВИДЕО)

Две лица загинаа, а тројца се повредени денеска во терористички напад во близина на Лондонскиот мост, потврди полицијата. Осомничениот беше соборен на земја од минувачите и беше застрелан од полицајците.

Осомничениот, за кој полицијата соопшти дека носел лажен самоубиствен елек, беше убиен откако службите за итни случаи беа повикани поради напад со нож на локација во близина на мостот непосредно пред 14 часот во петокот.

Во инцидентот се одвивале неверојатни сцени што предизвикаа пофалби за храброста на припадници на јавноста и на полицијата. На снимките направени од случајни минувачи се гледа како цивили се борат со човек што лежи на земја на северниот крај на мостот, пред да бидат однесени на безбедно од вооружената полиција, која пристигнала на местото на настанот.

Потоа осомничениот, облечен во црно, се чини дека се обидува да стане, пред полицајците да испукаат два истрели. Пред пукотниците се чини дека еден маж облечен во костум му одзема голем нож на осомничениот и е снимен како трчајќи се оддалечува од местото и им гестикулира на другите да не се доближуваат.

Полицијата потврди дека осомничениот починал веднаш. Се верува дека тој дејствувал сам.

Сите жртви се однесени во болница.

Британскиот премиер Борис Џонсон рече дека службите за итни случаи и минувачите што интервенирале „го претставуваат најдоброто од нашата земја“.

Инцидентот, првиот смртоносен напад во Велика Британија од 2017 година, се случи само три недели откако националното ниво на терористичка закана беше спуштено од „сериозно“ на „значително“.

Градоначалникот на Лондон, Садик Кан, подоцна изјави дека никој друг не се бара поради инцидентот.

Инцидентот, кој предизвика панични сцени додека толпа луѓе трчаа по мостот и се засолнуваа во зградите во близина, потсетуваше на терористичкиот напад на мостот во јуни 2017 година, во кој загинаа осум лица, покрај напаѓачите.

Жена што со своето бебе во автобус минувала покрај местото за Гардијан рекла: „Автобусот запре и беше јасно дека има три полицајци со пиштоли што се борат со еден човек, висок човек, кој имаше темна јакна и брада. Следното што го видов беше човекот со брада како лежи на земја и слушнав два истрели“.

„Момчето што лежеше ја отвори јакната и полицијата многу брзо се повлече наназад. Мислев дека можеби станува збор за бомбашки елек, а ако тоа експлодираше, ние бевме толку блиску. Бев многу загрижена за моето бебе “. Повеќе од 20 сведоци се однесени на испрашување во полициска зграда близу до инцидентот./www.mkd.mk