Ексклузивно интервју со македонската џудистка Борјана Поп-Атанасова освојувач на бронзен медал на Европскиот куп 2024 година

Македонски весник „Илинден“: Најнапред честитки за освоениот бронзен медал на Европскиот куп 2024 год. Кажи нѝ каде и кога се одржа овој натпревар?

Борјана Поп-Атанасова: Благодарам за честитките. Европскиот куп 2024 година се одржа во Скопје на 10 и 11 август 2024 година, а организатор беше македонската Џудо федерација. На него учествуваа над 250 учесници од 26 земји од два континента. Организацијата беше одлична, што говори дека ние сме добри домаќини кога имаме прилика да подготвиме некој значаен спортски настан во Европа.

Македонски весник „Илинден“: Од кога вежбаш џудо и колку постигнувања имаш во твојата џудо кариера?

Борјана Поп-Атанасова: Џудо почнав да вежбам од мојата 9-та година. Досега имам медали повеќе од што можам да избројам, почнав со бронзени, па по многу работа преку многу сребрени стигнав и до златни медали. Денес тие медали стојат обесени во мојата соба и со нив си игра мојот внук Војдан.

Македонски весник „Илинден“: Веројатно, од сите тие медали имаш некои кои ти се посебно драги?

Борјана Поп-Атанасова: Не би рекла драги. Би рекла заслужени со многу пот. Таквите ги чувам посебно. Сепак, најмногу труд вложував во периодот кога се подготвував за натпреварувањето во Црна Гора во 2018 година. Во тоа време, редовните тренинзи во мојот џудо клуб МИОКИ ги водеше тренерот Игор Паскоски заедно со тренерот испратен од Интернационалната џудо федерација, Габриел Сапта. Тоа беше време кога најмногу и најнапорно работевме и како македонски џудисти постигнавме најмногу резултати. На тоа Балканско првенство за пионери во 2018 година освоив златен медал, за што од македонската џудо федерација добив награда од 6.000 ден.

Македонски весник „Илинден“: Тоа е симболична награда во однос на постигнатиот успех, па прашањето ми е дали беше разочарана што немаше реална награда за вложениот труд?

Борјана Поп-Атанасова: Реално, не. Многу го сакав џудото и продолжив да работам на своето усовршување на физичката кондиција и подобрувањето на џудо техниките. Но, затоа пак, многу штета на мојата работа нанесоа апсолутно непотребните забрани кои нѝ беа наметнати во време на корона епидемијата. Во тој период беше нанесен значаен удар на македонскиот спорт и многу од нас џудистите се откажавме од натамошни активни тренинзи, а со тоа немаше ни резултати. Тоа придонесе за моја апстиненција од џудото цели четири години.

Македонски весник „Илинден“: Вообичаено зад секој голем успех стои макотрпен труд и кога се врати на редовните тренинзи?

Борјана Поп-Атанасова: Искрено, медалот на Европскиот куп 2024 го добив со дваесетдневни тренинзи пред почетокот на првенството. Морам да кажам дека во џудото се вратив само поради вербата на мојот тренер Игор Паскоски, кој никогаш не престана да верува во мојата предиспонираност за врвен џудист. Со освојувањето на бронзата на ЕК2024 тоа и се покажа, така што решив да се вратам на татамите и да тренирам поредовно од досега, но избалансирано со моите секојдневни обврски.

Македонски весник „Илинден“: Ти си редовен студент на ФИНКИ, но и претендент за уште поголеми постигнувања во џудото. Па, како ќе ги искомбинираш обврските од факултетот кои се реално сериозни и високите џудо амбиции?

Борјана Поп-Атанасова: Да, сега завршив втора година на ФИНКИ каде што редовно ги полагам испитите и сакам да бидам исполнителна и кон другите обврски на Факултетот. Мислам дека можам да го организиарам моето време и да одговорам на побарувањата како од Факултетот, така и од џудото.

Македонски весник „Илинден“: Можеби е неупатно да се рашува за финансиската страна од практикувањето на џудото, но ме интересира дали во македонската држава постои  професионален џудист?

Борјана Поп-Атанасова: Нема професионален џудист, нема финансии за џудистите, нема пари ниту за една специјализирана сала за џудо, каква што има во секоја држава. Мислам дека доколку се обрне повеќе внимание на македонските спортисти во однос на тоа да имаат загарантирани средства за нормален живот, ќе имаме многу повеќе спортисти и многу посериозни постигања.

Македонски весник „Илинден“: Благодарам за интервјуто.

Борјана Поп-Атанасова: Ви благодарам и јас вам.