Ескалираат протестите во САД, Трамп се закани со војската

Искрешни излози, ограбени продавници, пукотници, гумени куршуми, солзавец, молотови коктели. Седми ден по ред беснеат протестите во 75 американски градови. Најмалку пет луѓе загинаа, а се уште не се знае колку луѓе, меѓу нив и полицајци се повредени. илјадници се уапсени, а пожарите и вандализмот на улиците нанесоа милионски штети на објектите. Се чини дека Доналд Трамп не може да ја смири ситуацијата. Нареди полициски час, но ниту тоа не ги спречи протестите кои излегуваат од контрола. Во обраќањето пред нацијата, Трамп се закани со војската.

Ги мобилизирам сите расположливи федерални ресурси, цивилни и воени, за да престанат немирите и грабежите, да престане деструкцијата и пожарите и да ги штитам правата на законите што ги почитуваат Американците. Ако градот или државата одбива да преземе потребна акција за да го одбрани животот и имотот на своите граѓани, тогаш ќе ја ангажирам војската на САД и брзо ќе им го решам проблемот, порача Трамп.

На Американците им порача дека е претседател на редот и законот и сојузник на сите мирни демонстранти. Но Трамп не кажа ништо за полициската бруталност, главната причина за наелектризираната атмосфера во земјата, по убиството на афроамериканецот Џорџ Флојд. Според аналитичарите, Трамп и не знае како да се справи во оваа ситуација, и затоа и нема што да каже со што би ја обединил или пак омекнал нацијата.

Тој не е претседател, кој времето го минува да биде обединувач. Тој е всушност понесен од поделбата, вели Џули Пејс дописник на АП од Вашингтон.

Трамп, по говорот излезе да ја посети старата епископска црква која е во близина на Белата Куќа, а беше уништена во синоќените протести. Излезе со Библијата во раце и се сликаше пред камерите – потег кој за многумина беше лошо „реално шоу“.

Во меѓувреме, обудкцијата на телото на афроамериканецот Џорџ Флојд, покажа дека умрел од задушување. Мачната сцена фатена со камерите на минувачите го докажува овој факт, кога бел полицаец со колено му го стиска вратот. Одбраната ангажирана од семејството на Флојд вели дека станува збор за убиство со умисла. Полицаецот е обвинет за убиство од трет степен, и во судница ќе се појави следната недела.

Убиството на Флојд можеби беше само капка која ја прелеа полната чаша со гнев и фрустрации кај афро-американците, кои со децении се борат за своите основни права. Америка нема видено вакви расни турбуленции уште 1968-мата, кога беше убиен борачот за правата на афроаемриканците Мартин Лутер Кинг, кој велеше дека бунтот е јазикот на оние чиј глас не се слуша.

Advertisement