Европратениците повторно ќе расправаат за нерегистрираните здруженија на Македонците во Бугарија

На јануарската сесија на Парламентарното заседание на Советот на Европа, европските пратеници повторно ќе расправаат за прашањето за регистрација на здруженијата на Македонците во Бугарија, дознава МКД.мк. Ова следува по последната конечна пресуда на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) против Бугарија од 28 мај 2020 година, во врска со одбивањето на државата да го регистрира здружението „Македонски клуб за етничка толеранција во Бугарија”.

Според пресудата, Бугарија е обврзана да го регистрира клубот и на тужителите да им исплати отштета од 7.500 евра во рок од 3 месеци. Во образложението на пресудата меѓу другото пишува дека судот смета дека со нерегистрацијата Бугарија го повредува членот 11 од Европската конвенција за човекови права, односно правото на собирање и здружување.

„Судот едногласно ја прогласува за прифатлива жалбата според членот 11 од Конвенцијата во врска со одбивањето да се регистрира здружението-апликант. Судот смета дека има повреда на членот 11 од Конвенцијата за човекови права. Тужената држава треба заеднички да им плати на апликантите за нематеријална штета, во рок од три месеци, 7.500 евра плус кој било данок што може да се наплати”, пишува во дел од образложението на одлуката на ЕСЧП.

Тужбата во октомври 2013 година ја поднесе претседателот на здружението „Македонски клуб за етничка толеранција во Бугарија” со седиште во бугарскиот град Благоевград, Ангел Кирилов Радонов, а конечната пресуда беше донесена во мај 2020 година, непосредно пред Бугарија да го стави ветото за почнување преговори на Македонија за членство во Европската Унија.

„Македонски клуб за етничка толеранција во Бугарија” е здружение што во својот статут ги афирмира правата на Македонците како посебна етничка група во Бугарија.

Европскиот суд за човекови права од Стразбур има донесено 14 вакви или слични пресуди против Бугарија. Од нив шест се неизвршени пресуди во врска со одбивањето да се регистрираат здруженија на Македонците во Бугарија. Надлежен за спроведување на пресудите на ЕСЧП е Комитетот на министри, кој според Статутот има можност на различни начини да помогне во извршувањето на пресудите.

Еден од инструментите што се користат е и покренување прекршочни постапки против државите, но тој речиси и не се користи. Комитетот на министри го користел овој инструмент само двапати, во случаите што се однесуваат на неосновано држење во притвор (Илгар Мамадов против Азербејџан, Кавала против Турција), но не и во случаи поврзани со прекршување на правото на здружување, какви што се случаите на нерегистрација на здруженијата на Македонците во Бугарија.

Advertisement