Фудбалската репрезентација на Македонија убедливо славеше кај Ерменија (0-5)

Фудбалската репрезентација на Македонија го одигра најдобриот натпревар на гости во Ереван, убедливо славеше кај Ерменија (0-5) и остана во игра за пласман во баражот за Светското првенство (СП) кое во 2022 година ќе се игра во Катар.

Ова гостување традиционално беше најнезгодно за Македонија. Немаше тимот победа на три средби по ред, меѓутоа овој дуел едноставно беше фудбалска рапсодија со пет гола во противничката мрежа. Енис Барди беше прво име во тимот со хет-трик, а во листата на стрелците се запишаа уште Милан Ристовски и Александар Трајковски, за голем триумф и чекање на разврска на следните натпревари. Сега целиот фокус е вперен кон дуелот на Романија и Исланд кој се игра во Букурешт. Потребен е кикс на Романците, за Македонија да го преземе второто место, па во последното коло сама да решава за својата судбина.

Ашковски беше изненадувањето на Благоја Милевски во составот и беше поставен на десната бековска позиција каде го немавме капитенот Стефан Ристовски (жолти картони), а траката за првпат ја носеше Енис Барди. Дуелот почна доста мирно, немаше големи шанси, се до 15. минута кога Ерменците први тргнаа во офанзива и се заканија преку Бриаско, но обидот заврши над пречката. Македонија потоа се ослободи и почна да игра, а тоа донесе погодок во 22. минута. Ашковски солидно проби по десната страна, мина неколку играчи можеби и со мала доза на среќа, па во казнениот простор го проигра Александар Трајковски, кој лесно го постигна деветнаесеттиот гол во дресот со државниот грб.

Капарош потоа направи мали тактички ротации, па следеше и нова сериозна закана, овој пат од слободен удар. Но, обидот од прекин профуче крај стативата на Димитриевски, кој, се испружи колку што е долг, па се удри во дирекот и имаше мал прекин поради укажување на медицинска помош. Многумина очекуваа Македонија да се брани, меѓутоа „рисовите“ ги демантираа сите со брз втор гол во мрежата на ривалот. Најдоброто полувреме на Македонија го комплетира Енис Барди, кој во 36. минута стрела со шут по земја и го постигна првиот гол со капитенската лента. Во финишот на првото полувреме, добра можност имаше и Александар Трајковски кој биеше откосо, меѓутоа Јурченко одлично изби во корнер.

Иако со проблеми во редот за врска каде недостасуваат тројца играчи, како и отсуството на капитенот Стефан Ристовски, сепак, Ерменија го заврши првото полувреме без ниту еден шут во рамки на голот на Димитриевски, додека Македонија имаше вкупно три од пет обида. Вториот дел донесе доста подобра игра на Македонија за разлика од оној на стартот на првиот. Топката се држеше во нозе, се играше со мирни додавања, без паника, додека Ерменија беше под притисок затоа што мораше да брка брз гол. Сепак, Димитриевски и понатаму немаше работа. Имаа Ерменците неколку обиди преку центаршути, еднаш бараа и пенал поради шут во рамото на Дарко Велковски, меѓутоа искусниот судија Хозе Марија Санчез реши да не покаже на белата точка.

Она кое не го досуди за Ерменците, Санчез го даде за Македонија – пенал во 66. минута. По едно проигрување на Ристовски и Чурлинов, Барди доби топка во казнениот простор, беше соборен одзади од Хамбарџумјан и токму тој ја презеде одговорноста, па со осмиот репрезентативен гол донесе 0-3. Во 71. минута Ерменија од најзрелата шанса постигна гол за 1-3 преку Михтарјан, но главната ѕвезда на тимот беше во офсајд. Блескавата партија на Македонија со нов гол ја круниса Милан Ристовски, за убедливи 0-4. Пред финишот следеше нов пенал за Македонија кој го изнуди Алиоски, а со хет-трик го круниса Енис Барди, за конечни 0-5.

Advertisement