Германската економија со најголем пад од глобалната криза во 2008-2009 година

Германското стопанство бележи пад од 2,2 отсто во првиот квартал оваа година во споредба со истиот период во 2019 година. Федералниот завод за статистика на Германија денеска соопшти дека тоа е најголем квартален пад на економијата по глобалната финансиска криза 2008-2009 година.

Според податоците, најлоши се резултатите кај личната потрошувачка и извозот. Инвестициите во градежниот сектор и јавната потрошувачка придонесле да се избегне поголем пад на економијата.

Со оглед дека германското стопанство забележало пад од 0,1 отсто во последниот квартал од 2019 година, земјата влегува во таканаречена техничка рецесија, кога растот во два последователни квартали е негативен.