Германската полиција претресе локации поврзани со Хамас

Германската полиција спроведе рации во Берлин рано утрото во четвртокот, чија цел биле две забранети палестински организации и одделно луѓе поврзани со екстремно десничарската организација Граѓани на Рајхот.

Повеќе од 300 полицајци извршиле рација и претресле 15 недвижности низ Германија, од кои 11 биле во Берлин, изјави портпаролката на градската администрација.

Полицијата извршила претрес на имоти и во сојузните покраини Долна Саксонија, Северна Рајна-Вестфалија и Шлезвиг-Холштајн, што е поврзано со забраната на, како што Германија ја опишува – терористичката организација Хамас и меѓународната мрежа за заштита на палестинските затвореници „Самидун“ во Германија. Германската влада ги забрани двете групи претходно овој месец.

Германското Министерство за внатрешни работи во четвртокот наутро објави дека рациите се спроведуваат. „Продолжуваме со нашата доследна акција против радикалните исламисти“, изјави германската министерка за внатрешни работи Ненси Фезер.

На 2-ро ноември, германската влада го забрани „Самидун“ и воведе дополнителни мерки за ограничување на поддршката за палестинската исламистичка милитантна група Хамас, која веќе е прогласена за терористичка организација во Европската унија.

„Со забраната на Хамас и Самидун во Германија, испративме јасен сигнал дека нема да толерираме никакво величење или поддршка на варварскиот терор на Хамас против Израел. Самидун, како меѓународна мрежа, шири антиизраелска и антиеврејска пропаганда под превезот дека е „солидарна организација“ за затворениците во многу земји“, рече тогаш Фезер.

Имотот на овие групи може да биде конфискуван, нивното присуство на интернет или нивните активности на социјалните мрежи да бидат забранети. Оние кои продолжуваат да работат за овие организации прават кривично дело, соопшти германското Министерство за внатрешни работи.

Германската полиција извршила претрес и во куќи на дваесетина лица во врска со истрагите на екстремно десничарската организација Граѓани на Рајхот.

Поддржувачите на Граѓанскиот Рајх не ја признаваат легитимноста на германската влада и ги отфрлаат нејзините демократски и уставни структури како што се парламентот и судовите.

Во рациите учествуваа околу 280 полицајци во осум германски покраини. Германските разузнавачки структури проценуваат дека околу 23.000 луѓе низ цела Германија припаѓаат на организацијата Граѓани на Рајхот.

Advertisement