
Актуелниот градоначалник на општина Пустец, Пали Колефски, кој повторно ја бара довербата на изборите на 14 мај ги повика жителите да не веруваат во лаги и манипулации на против кандидатот и да гласаат за „продолжување на реалните проекти”.
„Драги мои, сакам да споделам со вас дека на нашата општина не и требаше само една ќерамида туку имаше потреба од цела чатија. Денес ја лечиме раната на овие кои само сонуваа 12 години и горд сум што ги решавам сите проблеми по ред, вода за пиење, осветлување, подобрување на електро мрежата, патишта, развој на туризмот, проблемот со отпадните води, и многу други прашања“, наведува Колефски.
Додава дека и самиот е свесен дека треба уште многу повеќе да работиме бидејќи, како што вели, „од работа никогаш не е доста”.
„Убеден сум дека заедно ќе успееме во решавањето на сите проблеми во нашата општина. Затоа драги мои ние предлагаме и нудиме да не се враќаме веќе никогаш назад, да одиме само напред, а само напред ќе одиме заедно, јас Пали Колефски, и сите вие заедно со заокружување на бројот 2 на гласачкото ливче“, порачува тој.
Во оваа единствена македонска општина во Албанија за градоначалничката функција во трка се Пали Колефски и Панди Јани и двајцата Македонци од Пустец.
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden