
Весникот „Македониум“ започнува со објавување на серијал од извадоци од монографијата „Прогонот на Македонците од преспанското село Горна Горица (1924–1933)“ од Васил Стерјовски.
Монографијата е резултат на повеќегодишно истражување посветено на историјата и судбината на македонското население во Горна Горица, село во Долна Преспа, чии жители во април 1933 година биле принудени да ги напуштат своите домови. Преку архивски материјали, дипломатска кореспонденција, мемоарски записи и усни сведоштва, авторот ги истражува историските околности и процеси што довеле до прогонот и иселувањето на жителите на Горна Горица, како и последиците што овој настан ги оставил врз македонското население во Преспа.
Во монографијата посебно внимание е посветено на поширокиот историски контекст на Долна Преспа во првата половина на XX век – период исполнет со воени, политички и општествени превирања, промени на границите и создавање на нови државно политички односи во регионот.
Во првото продолжение, „Македониум“ го објавува предговорот на монографијата, во кој авторот го објаснува мотивот за истражувањето, значењето на Горна Горица и потребата од зачувување на споменот за настаните што оставиле траен белег во историјата на Македонците од Преспа.
Предговорот го пренесуваме во целост.
Ова дело го посветувам на моето семејство, за безрезервната поддршка и разбирање, и на сите Македонци во Албанија, како сведоштво за нивната непокорност, истрајност и вековна борба за зачувување на македонштината.
Од авторот
ПРЕДГОВОР
Историјата на Преспа е историја на граници, поделби, премолчени судбини и истрајност. Тоа е простор во кој низ вековите се преплетувале различни политички интереси, државни политики и историски процеси, но и простор во кој македонското население успеало да го сочува својот јазик, традиција, колективна меморија и чувството на припадност. Токму таа историска истрајност претставува основниот мотив за создавањето на оваа монографија.
Потребата за подлабоко и посистематско истражување на историјата на македонското население во албанскиот дел на Преспа произлезе од сознанието дека голем број настани и процеси поврзани со овој регион останале недоволно проучени, а дел и целосно маргинализирани во историската наука. Особено чувствителен и недоволно обработен е периодот по Балканските војни и создавањето на албанската држава, кога новите државни граници го разделиле македонското етничко пространство и создале нови политички, економски и општествени предизвици за македонското население.
Со распадот на османлиската власт и воспоставувањето на новиот балкански поредок, многу етнички заедници биле поделени без притоа да се земат предвид нивните историски, културни и демографски особености. Македонците во Преспа, како и во другите делови на Македонија, се нашле во рамките на различни државни системи, изложени на асимилациски притисоци, административни ограничувања и несигурност. Во таквите историски околности, животот на македонското население во Долна Преспа добил нова и често драматична димензија.
Селото Горица претставува едно од највпечатливите сведоштва за тие процеси. Настаните што се случиле во ова село во меѓувоениот период, а особено прогонот на неговите жители во 1933 година, оставиле длабоки траги не само врз македонското население во Долна Преспа, туку и врз целокупната историска меморија на Македонците во Албанија. Судбината на Горичени, нивното присилно раселување, губењето на имотите и прекинот на еден вековен начин на живот претставуваат трагично поглавје
кое долго време останало надвор од поширокото научно внимание.
Оваа монографија има за цел да ги расветли причините, текот и последиците од прогонот на Македонците од Горица, преку анализа на архивски документи, дипломатска кореспонденција, службени извештаи, научна литература, како и преку сведоштва и усни преданија зачувани меѓу населението во Преспа. Истражувањето се стреми не само кон реконструкција на историските настани, туку и кон разбирање на поширокиот општествен и политички контекст во кој тие се случувале.
Особено значење во оваа студија има прашањето за историската меморија. Колективното сеќавање на трагедијата на Горичени се пренесувало од генерација на генерација, останувајќи живо во свеста на жителите на преспанските села.
Мојот личен мотив за истражување на оваа тема е длабоко поврзан со сопственото потекло. Потекнувам од селото Горна Горица и уште од најрана возраст растев слушајќи ги сведоштвата на постарите за драматичните настани од 1933 година. Мојата фамилија, како и многу други семејства, се населила во Горна Горица од селото Шулин, по протерувањето на Горичени од нивните домови. Основното образование го завршив во училиштето „Отпорот на Горичени“ во село Долна Горица,име кое и денес сведочи за страдањето, отпорот и достоинството на Македонците од овој крај.
Токму затоа, ова истражување претставува морална обврска кон минатото и кон генерациите што ги преживеале овие трагични настани. Преку оваа монографија се настојува да се зачува историската вистина, да се даде глас на заборавените човечки судбини и да се поттикне понатамошно научно интересирање за положбата на македонското население во Албанија во првата половина на XX век.
Се надевам дека ова дело ќе претставува скромен придонес кон проучувањето на историјата на Македонците во Преспа и дека ќе помогне во зачувувањето на историската меморија за едно тешко, но значајно поглавје од нашето минато.

М-р Васил Стерјовски
Продолжува…
Горна Горица – сведоштво за прогонот и судбината на Македонците во Преспа
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden