
Орце Ѓорѓиевски, градоначалник на Општина Кисела Вода е новиот претседател на ЗЕЛС. Вака одлучи мнозинството на членови на Управниот одбор на ЗЕЛС на денешната седница, 14 по ред. (30 јануари, 2023 година). Потпретседателите на ЗЕЛС, Висар Ганиу, градоначалник на Општина Чаир и Перо Костадинов, градоначалник на Општина Валандово, остануваат на истата позиција, а досегашната претседателка на ЗЕЛС, Данела Арсовска, градоначалничка на Град Скопје продолжува со активностите во ова тело, како член на Управниот одбор. Всушност и според Статутот на ЗЕЛС, градоначалникот на Град Скопје по функција е член на Управниот одбор на ЗЕЛС.
На оваа седница, Управниот одбор донесе заклучок за упатување на итно барање до Владата на Македонија за одржување на заедничка средба на која главна тема на разговорот ќе биде изнаоѓање на соодветни решенија за предизвиците со кои се соочуваат единиците на локалната самоуправа, поврзани со енергетска криза. Беше нагласено дека општините се доведени во колапс од високите сметки за електрична енергија и дека ваквата состојба најголемиот број на општини не би можеле да ја издржат ниту уште еден месец.
На 14 седница, Управниот одбор дискутираше и за предлог Меморандумот за соработка со Владата на Македонија, кој веќе една година беше на разгледување од централната власт.
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden