Грчките левичари во 1903 година побарале создавање македонска република

Во Грција, првиот социјалистички весник „Арден“ бил објавен во 1885 година. Меѓутоа, грчкото социјалистичко движење започнало во 90-тите години на 19 век, со дејноста на Платон Дракулис и Ставрос Калергис, а во 1890 година во Атина било формирано Централното социјалистичко друштво.

Дракулис во 1893 година за првпат ги организирал мајските демонстрации, истата година во Патрас било формирано Социјалистичкото братство, а повеќето од неговите членови биле пријатели и приврзаници на Дракулис. Претседател на братството бил адвокатот Василис Дудумис, а секретар учителот Харилаос Димитропулос. Една од водечките личности во братството бил архитектот Аристотел, а негови членови биле и приврзаниците на социјалистот Ставрос Калергис и анархистот Маганарас. Социјалистичкото братството не било кохерентна организација, поради различните идеолошки погледи на неговите членови.

Негова примарна цел е работничкото движење, а со негова иницијатива биле формирани првите синдикални здруженија во Патрас. Неколку члена на братството истовремено биле членови на овие синдикати. Организацијата имала за цел и ширење на социјалистичките идеи меѓу локалното население и работниците. Не случајно, Орде Ивановски истакнува дека меѓу првите грчки социјалистички групи имало влијание на анархосиндикализмот и реформизмот.

Во овој период била формирана и организацијата Армагедон, со изразени христијанско-социјалистички верувања и силни либертаријански идеи. Главни дејци во оваа група биле Арнелос (брат на локалниот анархист Димитрис Арнелос), адвокатот Василис Теодоридис (близок до анархистичките идеи), Атанасиос Христогонопулос, Сотирис Киријапопулос и адвокатот Теодор Капетанос. Во Патрас била формирана и групата Христијански егалитаризам, која била блиска до идеите на Армагедон. Водач на оваа групација бил Димитрис Андреопулос или Кацивелос, исто така еден од пионерите на синдикалното движење во Грција. Дракулис во 1895 година се кандидирал за пратеник во грчкото собрание и освоил 4.000 гласа.

Грчката демократија беше првиот анархистички весник во Грција. Нејзиниот слоган беше „Револуцијата е закон на напредокот“

Меѓутоа, развојот на социјалистичкото движење бил попречено од националистичката атмосфера што владеела со грчкото општество. Во 1901 година, Дракулис го основал весникот „Еревна“ и започнал со формирање лига на работничката класа во Грција. Дракулис исто така бил избран за претставник во грчкиот парламентот, меѓутоа услови за поширока социјалистичка дејност и понатаму не постоеле, поради агитацијата за воена експанзија.

Грчките социјалисти и анархисти во споредба со сите други во грчкото општество решавањето на македонското прашање го гледале во создавање македонска држава. Во прилог на оваа констатација е митингот одржан во градот Патрас во текот на Илинденското востание. Според податокот на Христо Силјанов, на средината на август бил одржан митинг во Патрас, во текот на кој говорел Андреопулос, кој ја осудил проосманлиската позиција на грчката влада, а како решение за македонското прашање предложил создавање македонска република. Всушност, станува збор за Димитрис Андреопулос, водачот на групата Христијански егалитаризам.

Учесниците на митингот во Патрас решиле да испратат резолуција до владите на Франција, Велика Британија и Италија и ги повикале да организираат меѓународна конференција, која би ја разгледала можноста за создавање македонска држава.

Митингот предизвикал политичка бура во грчкото општество. Грчката влада, од своја страна, го поставила прашањето зошто воопшто било дозволено одржувањето на овој митинг и позицијата на градоначалникот во Патрас била загрозена. Пред новинарите, премиерот Ралис изјавил дека митингот во Патрас е смешен и констатирал дека е невозможно кога Бугарите бараат автономија за Македонија, Грците да бараат независна република.

Тврдината во Патрас

Во подолгата телеграма до Ралис, градоначалникот на Патрас објаснувал дека организаторите на митингот биле познати смешни личности и затоа не сметал дека митингот е важен за да се забрани. Но кога дознал за што се работи, веднаш побарал од началникот на полицијата да го спречи. Најдалеку во нападите отишол грчкиот весник „Емброс“, кој на првата страница од 10.8.1903 год. објавил една карикатура на која „претседателот на Република Македонија“ се обраќа на митингот во Патрас.

За разлика од оние што го исмевале митингот, весникот „Емброс“ ја истакнал опасноста за грчките интереси. За овие случувања Далибор Јовановски истакнува: „Самиот факт што овој коментар се појавил на насловната страница на овој весник покажува колкава важност му била дадена на овој митинг… Постоењето на македонската држава не можело да биде прифатено“.

Пристаништето во Патрас

www.novamakedonija.com.mk

Advertisement