Игуменот на Бигорскиот манастир, епископот антаниски г. Партени оствари официјална средба со ерусалимскиот патријарх г. г. Теофил во Ерусалим

Со благослов на архиепископот г. г. Стефан и на митрополитот дебарско-кичевски г. Тимотеј, игуменот на Бигорскиот манастир, епископот антаниски г. Партениј, со дел од своето братство, деновиве се наоѓа во Светата Земја на поклоничко патување, при што вчера оствари официјална средба со ерусалимскиот патријарх г. г. Теофил во седиштето на Патријаршијата во Ерусалим.

На средбата, Епископот Партениј му ги предал писмените поздрави од архиепископот Стефан и усните од митрополитот Тимотеј и добил благослов за богослужење на светите места.

Патријархот Теофил, исто така, го истакнал своето задоволство од примањето на Охридската Архиепископија во канонско единство со останатите православни цркви, по одлуката на вселенскиот патријарх г.г. Вартоломеј од 9 мај годинава и по помирувањето со Православната црква на Србија.

Изминатава вечер, бигорскиот игумен, г. Партениј, сослужуваше на ноќната литургија во параклисот Голгота, каде што се случило Христовото Распетие, во Сечесниот храм на Воскресението во Ерусалим. Со него служеше и архиепископот Аристовул од Ерусалимската Патријаршија и неколкумина други свештенослужители, меѓу кои биле и архимандритот Доситеј и јеромонасите Кирил и Анатолиј од Бигорскиот манастир.

Ова е прво сослужение на архиереј од Охридската Архиепископија во Светиот Град по востановувањето на нејзиното литургиско и канонско единство од страна на Вселенската Патријаршија во мај оваа година, но воопшто и во поновата историја на нашата Црква.

Advertisement