Македонското друштво „Илинден“ од Албанија, ексклузивно за Алфа го изразува незадоволството од непотребното забавување на работата за овој значаен Центар, а прстот го вперува кон Владата на Рама…
„Македонското друштво „Илинден“ го изразува своето незадоволство од Владата на Република Албанија бидејќи уште не е ратификуван договорот за отворање на Културен центар во Тирана. Овој културен Центар е многу важен за билатералните односи меѓу Република Македонија и Република Албанија“, изјави претседателот на Македонското друштво „Илинден“, повикувајќи ја Владата на Еди Рама што побрзо да го испрати Договорот за ратификација во Парламентот.
Инаку, Културно-информативниот центар е предвиден со договорот меѓу македонската Влада и Советот на министри на Албанија кон крајот на мај годинава. Македонецот Васил Стерјовски кој од пред неколку месеци е дел од пратеничкиот мандат во тиранското Собрание каде влезе како дел од независната пратеничка група, формирана од пратениците на Социјалистичкото движење за интеграција, со кое македонската партија таму МАЕИ настапуваше во изборната коалиција во јуни 2017 година, не е целосно во тек со проблемот со Центарот. За Алфа вели дека до утре би имал конкретмни информации што точно се случува и зошто договорот е закочен во парламентот во Тирана. /Андреа Василевски