1. Изминатите години, бугарската пропаганда е многу активна меѓу Македонците во Албанија. Сметате ли дека Бугарија со овие активности значително ќе успее да ги асимилира Македонците во Албанија?
Македонско друштво “Илинден”-Тирана во контунитет последните години ги информираше албанските инситуци како и институциите во Македонија исто време и јавноста дека бугарската пропаганда е многу активна меѓу Македонците во Република Албанија. Во време на пописот целата влада на Бугарија беше активна и се мешаше во пописот во Република Албанија. Тоа е факт. Иако на последниве 11 пописи ниту еден жител не се декларирал како дел од бугарско малцинство, државниот врв на Бугарија ја принуди Албанија да признае непостоечко бугарско малцинство. Бугарската пропаганда е многу активна меѓу Македонците во Република Албанија и во моментот за тоа Македонско друштво “Илинден”-Тирана, ги повикува инситуците на Република Албанија да преземат мерки за заштита на Македонците во Република Албанија како лојални граѓани. Ризикот е голем за асимилирање на Македонците во Република Албанија па затоа повикуваме да се преземат мерки.
2. Очекувате ли Владата на Албанија да ги забрани бугарските здруженија во Албанија кои дефакто служат за пропаганда и проширување на бугарскиот шовинизам на албанска територија?
Македонско друштво “Илинден”-Тирана, ги има информирано сите албански институции за пропагандата на здруженијата од Бугарија. Нормално, очекуваме да се преземат мерки во тој правец.
3. Каква е социо-економската положба на Македонците во Албанија?
Слободно можеме да кажеме дека за Македонците во Република Албанија најголем проблем е немањето прво на образование на македонски мајчин јазик во областите Голо Брдо и Гора, како и во поголемите градови, како Тирана, Елбасан, Корча, Билиште, Поградец. За жал, само во Мала Преспа македонските деца учат на мајчин јазик, и тоа само во основно и средно образование. Воочувајќи го ова како голем проблем за Македонците во Албанија, поднесовме иницијатива за реактивирање на лекторатот по македонски јазик во Тирана. Сме многу среќни што во Тирана има Лекторат по македонски јазик, и се надеваме дека ќе се подигне иницијатива за претворање на лекторатот во катедра по македонски јазик. Друг голем проблем за Македонците во Голо Брдо е работното време на граничниот премин Џепиште – Требиште, кој беше отворен во мај 2013 година. Владите на Република Македонија и на Република Албанија, на заедничката седница одржана во Поградец на 15 декември 2017 година, донесоа одлука граничниот премин Џепиште – Требиште да работи 24 часа. И покрај тоа, оттогаш до денес преминот не работи 24 часа, туку со редуцирано работно време. Во неколку наврати, ние како друштво баравме овој граничен премин да работи постојано, поради потребите на граѓаните од двете страни на границата, но досега нема позитивно решение за проблемот. Друг голем проблем за Македонците во областите Голо Брдо, Гора и Мала Преспа претставува патната инфраструктура, која е главна причина за слабиот економски развој на овие области, населени со македонско население. Во катастрофална состојба е и здравствената заштита во населените места, бидејќи или нема објекти за таа намена или се во исклучително лоша состојба. Македонците од областа Голо Брдо имаат големи проблеми поради тоа што во 2014 година Владата на Република Албанија ги укина општините Требиште, Острени и Стеблево, за првите две да ги приклучи кон општината Булќиза. Укинати се и општините Шиштевац и Запот во областа Гора, кои сега се приклучени кон општината Кукс. На тој начин, единствена македонска општина во Република Албанија остана општина Пустец во областа Преспа. И покрај сите барања и аргументи на претставниците на македонската заедница во укинатите општини во 2014 година, индивидуално или преку македонското друштво “Илинден”-Тирана и македонското друштво “Илинден”-Огранок Голо Брдо, барања за формирање на општините Голо Брдо и Гора сè уште не добија одговор.
4. По изборите во Македонија, очекувате ли Владата на Македонија да даде социо-економска помош и политичка поддршка на Македонците во Албанија?
Македонско друштво “Илинден”-Тирана, е во конткат со новата Влада и секако дека очекуваме Владата на Македонија да ни даде социо-економска помош и политичка поддршка бидејќи во овој перид ни е најпотребна.
5. Како здружение „Илинден“ кои активности ги преземавте, ги преземате и ќе ги преземете во наредниот период, како за спречување на бугарската пропаганда така и за институционална борба за подобрување на животот на Македонците?
Македонско друштво “Илинден”-Тирана, има 15 години од формирањето и се бори за заштита на правата на Македонците во Република Албанија, но и за афирмација на македонскиот етнички, јазичен, културен, верски, историски и државен идентитет на Македонците во Република Албанија. Македонско друштво “Илинден”-Тирана ќе продолжи да биде во контакт со институциите во Република Албанија како и во Република Македонија исто време ќе ги информираме и меѓународните инситуции за притисоците што ги прават бугарските владини преставници.
Очекуваме Владата на Македонија да ни даде социо-економска помош и политичка поддршка