Иранската вакцина е ефикасна 90 отсто

Иран објави дека првичните резултати од клиничките испитувања покажале дека нивната прва вакцина против Ковид-19 е ефикасна во 90 проценти од случаите. Мохамед Реза Салехи, кој ги предводи клиничките испитувања за „КОВИран Барекат“, за иранската агенција ИРНА изјави дека тестовите врз волонтерите кои учествувале во првата фаза од тестирањето покажале подобри резултати отколку што се очекувале.

Прелиминарните резултати покажуваат дека 90 проценти од луѓето кои примија две дози од вакцината имаат докази за развој на имунитет – изјави Салехи. Ирански официјални лица претходно соопштија дека вакцината „Барекат“ е 100-процентно ефикасна против британската мутација на Ковид-19.

Вкупно 56 волонтери ја примиле првата доза на вакцината на крајот на декември, а втората во февруари. Втората фаза од тестирањето треба да почне пред крајот на иранската календарска година на 20 март и ќе трае до мај. Вакцината „Барекат“ ја развива државната организација „Сетад“.

„Барекат“ не е единствената иранска вакцина што се развива, бидејќи втората е „Рази Ков-Парс“, што наскоро треба да почне да се тестира на луѓе. Официјални ирански лица се надеваат дека вакцинирањето на населението со домашната вакцина ќе почне за неколку месеци.

Иран, истовремено, се обидува да увезе неколку вакцини, вклучително и вакцини од универзитетот Оксфорд и „АстраЗенека“, кинеската „Синофарм“ и индиски „Берат“. Досега во Иран е пристигната само руската вакцина „Спутник“, но во помали количини, кои во моментов се наменети за здравствените работници кои се борат против Ковид-19.

 

Advertisement