Излезе од печат јубилејниот број на  весникот “Илинден” 

Излезе од печат 50 број весникот “Илинден” кој е единствен печатен медиум на македонски јазик во Албанија. Чувствувам посебно чувство на задоволство и гордост што ете дочекавме и 50-то издание. Се надевам дека ќе продолжиме и понатаму па да дочекаме и трицифрени бројки, зошто да не, изјави за весникот “Илинден” Никола Ѓурѓај, главен и одговорен уредник.

Во овој јубилеен број, покрај другото во целост се пренесува интервјуто на Ѓурѓај, како претседател на истоименото друштво веќе десет години работи на заштита на етничкиот, јазичниот и културниот идентитет на Македонците во Албанија и за кампањата на друштвото и огранокот за Голо Брдо ” Горе главата- изјасни се дека си Македонец”, пред престојниот попис во Албанија што ќе се спроведе во октомври.

Посебни прилози има за Проф. д-р Вита Блаже Која” Македонка од Голо Брдо – борец за правата на Македонците во Албанија”, за Кристо Темелко (Врбник, 1915 – Тирана, 1990) поборник за македонскиот јазик во Албанија,  за  веб-страницата со дигитални изданија на делата на Блаже Конески подготвена од Македонска академија на науките и уметностите, МАНУ, како и други содржини.

Инаку, на први март 2011 година како двоброј (март/април) беше испечатен првиот број од весникот како гласило на македонското друштво “Илинден”-Тирана.

Изминативе години, весникот предизвика голем интерес кај македонската читателска публика во Република Албанија, во татковината Македонија, како и меѓу македонската дијаспора во светот. Весникот  дава голем придонес во евидентирањето и надминувањето на голем број прашања од интерес на Македонците во Република Албанија, и континуирано работи на заштита и афирмација на македонскиот етнички, јазичен и културен идентитет и националните традиции на Македонците во Република Албанија, додава Ѓурѓај.

Добјаснува дека освен  испечатените 50 изданија, почнувајќи од март 2017 година е и со електронско издание www.vesnik-ilinden.com, а од од септември истата година  весникот е стандардизиран според меѓународните норми за печатени и електронски периодични списанија со ISSN 2522-6282 (online) и ISSN 2522-4514 (print) и е дел од двата најголеми читачи на вести и клиентска датотека во Македонија: grid.mk и daily.mk. Порачува дека весникот продолжува со својата мисија, поттикнување и одржување во континуитет на македонскиот јазик и идентитет во Република Албанија.

Advertisement