
Излезе од печат монографијата „Прогонот на Македонците од преспанското село Горна Горица (1924–1933)“, од м-р Васил Стерјовски, во издание на издавачката куќа „Логос“ – Центар за културна размена од Битола, со поддршка на Министерството за култура на Република Македонија.
Книгата претставува резултат на повеќегодишно истражување посветено на едно трагично, но недоволно проучено поглавје од историјата на Македонците во Преспа. Судбината на селото Горна Горица претставува значаен пример за политичките, социјалните и националните предизвици со кои се соочувало македонското население во Долна Преспа во меѓувоениот период. Врз основа на архивски документи, дипломатска кореспонденција, мемоарска литература и усни сведоштва, монографијата ги реконструира околностите што довеле до масовниот егзодус на Горичeни во април 1933 година, како и неговите последици врз македонската заедница во Албанија.
Посебно внимание во монографијата е посветено на улогата на Бугарија во случајот со Горичeни и на нејзината политика кон македонското население во Албанија. Низ призмата на доверливите извештаи на тогашното бугарско дипломатско претставништво во Тирана, уште во 20-тите и 30-тите години на дваесеттиот век јасно се гледа како Софија го третирала македонското население во Преспа како чист политички инструмент за своите територијални и национални претензии кон Македонија. Исто како тогаш, така и денес, историјата покажува дека геополитичките игри преку грбот на Македонците не се новост, туку континуитет.
Книгата е поделена на седум поглавја кои детално го обработуваат историскиот, општествениот и културниот развој на селото Горица и судбината на неговото македонско население.
Во првата глава, „Долна Преспа во првата половина на XX век“, се разгледуваат историските процеси што ја зафатиле Долна Преспа во периодот од Илинденското востание до консолидирањето на албанската држава. Посебно внимание е посветено на Долна Преспа за време на Илинденското востание, Балканските војни и Првата светска војна, грчката окупација и нејзините последици, поставувањето на државните граници во регионот, положбата на Долна Преспа во рамките на албанската држава, како и на националната идентификација на нејзиното население.
Втората глава, „Историско-културниот развој на селото Горица“, го обработува потеклото и формирањето на селото, комуникациите и културните врски во Преспанскиот регион, верскиот живот на жителите, образованието, семејната организација и економскиот живот во Горица.
Во третата глава, „Местоположба на Горица и животот на населението“, се анализираат географската положба и природните карактеристики на селото, планинскиот предел и природните ресурси, стопанскиот живот и земјоделството, како и сточарството и сезонските активности на населението.
Четвртата глава, „Прогонот на Македонците од Горица“, е посветена на социо-економските прилики во селото по падот на Османлиската Империја, раните форми на притисок врз населението, демографскиот развој на Горица и појавата на беговската фамилија Фрашери, како и на правната битка, институционалниот притисок, полицискиот терор и отпорот на селаните во периодот од 1925 до 1933 година.
Во петтата глава, „Патешествието на прогонетите Македонци од Горица“, се обработуваат иселувањето на Горичени, нивната судбина по прогонството и состојбите во Горица по нивното заминување.
Шестата глава, „Улогата на Бугарија во случајот на Горичени со Малиќ бег“, ја анализира улогата на Бугарија во овој случај, реакциите на бугарската влада и дипломатските тензии, врз основа на архивски извори и документи.
Во седмата и последна глава, „Трагедијата на Горичени во литературата и колективното паметење“, се разгледува начинот на кој трагедијата на Горичени е претставена во литературата и како е зачувана во колективната меморија на македонската заедница.
На крајот, се упатува искрена благодарност до проф.д-р Катерина Тодороска од Институтот за национална историја за нејзината стручна рецензија, како и до сите кои помогнаа оваа вистина конечно да излезе на виделина.
Оваа книга е мојот скромен придонес кон проучувањето на историјата на Македонците во Преспа и се надевам дека ќе помогне во зачувувањето на историската меморија за едно тешко, но исклучително значајно поглавје од нашето минато, – вели авторот на монографијата м-р Васил Стерјовски.
Светскиот Македонски Конгрес упатува искрени честитки за објавата на монографијата од м-р Васил Стерјовски, нека се множат делата, нека се шири вистината во светот за Македонците во Албанија!
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden