Излезе од печат монографијата „Возобновителот“ – посветена на Архиепископот охридски и македонски Доситеј (1906-1981)

Во издание на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи (КОВЗРГ) излезе од печат монографијата „Возобновителот“ – посветена на Архиепископот охридски и македонски Доситеј (1906-1981). Во знак на благодарност и сеќањање на ликот и делото на првиот Архиепископ охридски и македонски Доситеј (1906-1981) на возобновената Охридска архиепископија во лицето на Македонската православна црква, а по повод големите јубилеи поврзани со блаженоупокоениот Архиепископ, кои ги одбележуваме оваа година и тоа: 115 години од неговото раѓање (07 декември 1906) и 40 години од неговото упокојување (20 мај 1981 година), како и значајниот државен јубилеј 30 години современа македонска државна сувереност – во издание на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи (КОВЗРГ) излезе од печат монографијата „Возобновителот“.

Монографијата е плод на соработката со Македонската православна црква – Охридската архиепископија и Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“. Монографијата претставува капитално дело посветено на ликот и делото на блаженоупокоениот македонски духовен великан Доситеј, кој успеа да ги оствари вековните копнежи на македонскиот народ за обнова на Охридската архиепископија и за конечно добивање на своја независна автокефална црква. Тоа големо дело го направи Архиепископот Доситеј исклучителна историска личност значајна за МПЦ-ОА и за државата, и неоткинлива од македонската историографија.

Станува збор за обемна публикација со над 420 страни во тврд повез, во која е вграден трудот на вработените во КОВЗРГ, на професорите од ПБФ „Свети Климент Охридски“, како и на други просветни работници, кои дадоа значаен придонес за реализација на монографијата, која во својата содржина опфаќа: библиографски податоци, избор на дел од позначајните слова на архиепископот Доситеј (беседи, говори и интервјуа), репортажи за позначајните цркви и манастири во кои живеел и работел архиепископот Доситеј, потоа зборник на трудови за неговата улогата и важност, спомени и сеќавања од неговите соработници и познаници, значаен фотоматеријал (фото албуми со слики од неговиот живот и од позначајните настани), позначајни архивски документи, слики од оставштината на архиепископот, како и поезија посветена во негова чест. Целокупната содржина во делото, која е прикажана на модерен начин, преку современ дизајн со мноштво на фотографии – исклучително ја истакнува големината на дедо Доситеј.

Со еден збор кажано монографијата „Возобновителот“ преставува трајна споменица, литературен споменик на благодарност кон Архиепископот Доситеј за неговиот немерлив допринос кон обновата и развојот на Македонската православна црква. Во тој поглед, монографијата „Возобновителот“ не претставува само основ за понатамошно прославување и очувување на споменот на архиепископот Доситеј, туку и за понатамошно студиозно изучување на неговиот живот, дело, мисли и учинок на полето на духовноста и македонското црковно воскресение во целина.

Advertisement