Излезе од печат публикацијата „Македонците во Светот“ од Слааве Катин

Во издание на книгоиздателството „Македонска искра“ од Скопје и Фондацијата „Џорџ Атанасоски“ од Прилеп излезе од печат публикацијата „Македонците во Светот“ од Слааве Катин. Таа претставува значајна и своeвидна документација за одбрана на националното, духовното и културното битие на Македонецот во светот.

Делото „Македонците во Светот“ од Слааве Катин е обид да се осветли иселеничката одисеја на Македонците во САД, Канада, Европската Унија и Австралија и да се остави неизбришлива трага за нивното постоење и активности во државите во кои несебично ги вградиле своите човечки и интелектуални способности за развојот на македонската вистина во тие демократски општества. Публикацијата е отпечатена на 520 страници, на македонски јазик, чии рецензенти се: Д-р. Лефтер Манче од Канада, Џорџ Атанасоски од САД, Гојко Јаковлески од Европската Унија и Душан Ристевски од Австралија

Во оваа публикација, авторот Славе Катин открива еден навидум познат, а, всушност, недоволно осознаен феномен на Македонците во дијаспората: способноста за нивното брзо адаптирање и интегрирање во новата средина; изостреното чувство за прифаќање на новите општествени норми и стандарди и успешното вклучување во новите економски, социјални културни и други процеси. Таквиот modus vivendi им овозможува да го свртат вниманието на

тамошниот естаблишмент врз сопствените цивилизациски вредности и врз својот автентичен геокултурен автопортрет, со кој Македонецот е препознатлив, речиси, на сите меридијани.

Иселеничката голгота, особено од беломорскиот дел на Македонија, е голем предизвик да се фрли светлина на страдањата и борбата на македонскиот народ за одбрана на неговиот национален идентитет, верата, културата, традициите. Фолклорот, песната и орото и обичаите, кои извираат од неговите библиски корени. Тој историски факт може да се најде и најсилно да се почувствува кај Македонците во светот, во битката за одбрана на националната кауза, тие морале да минат низ големи искушенија и страдања и да се потврдат како успешни градители на Новиот свет.

Во овој историски преглед е направен обид за периодизација на целокупното живеење на македонските доселеници. Посебна нагласка и простор е посветен на македонските православни цркви и манастири. Со тоа се настојува да се осветли историскиот и развојниот пат на македонските православни црковни и општини, на информативните гласила, организациите, друштвата и другите асоцијации на Македонците на тие простори.

Трудот„Македонците во Светот“ го опфаќа периодот од доаѓањето на доселениците во новите средини од пред стотина години до денес, што претставува макотрпна, но и одговорна самоиницијативност да се создаде таква публикација. Таа го одбележува најважниот период на активностите на македонските доселеници во новите средини, а со тоа ја отсликува македонската вистина.

Публикацијата е поделена на девет делови и тоа: Вистината за Македониа; Македонската православна црква – ОА; Македонското иселеништво; Црковно-духовни центри во Австралија; Македонски православни цркви во САД и Канада; Црковно национални центри во Европската Унија; Медиумите на Македонците во дијаспората; Македонските асоцијации во светот; Македонците во соседните земји и делот Додаток.

Публикацијата „Македонците во светот“ на Славе Катин е 58. дело, почнувајќи од неговото прво издание „Англиско-македонски лимнолошки речник“, што го издаде Хидробиолошкиот завод од Охрид во 1986 година, па до денес.Тој е автор на дваесеттина дела со името Македонија, дваесеттина монографиии за познати и признати личности во иселеништвото и во Македонија, како и на десеттина лексикографски изданија

Книгата „Македонците во светот“ на Славе Катин е дело кое заслужува и внимание и респект, колку од домашната, толку и од пошироката научно–културна јавност, а и од секој Македонец во дијаспората и во Татковината . Во овој период и во иднина, трудот ќе претставува значајна и своeвидна документација за одбрана на националното, духовното и културното битие на Македонецот во светот.

Advertisement