„Македонскиот фронт“ е интересна тема за историчарите бидејќи тука се судираат сите завојувани страни, на северната страна на фронтот се наоѓаат војските на Бугарија, Германија, Австро-Унгарија и Османската Империја, а на јужниот дел од фронтот се француската, српската, грчката, британската, руската, италијанската војска, како и голем број на војници од колониите на Франција и Обединетото Кралство (Велика Британија) од Африка и Азија.
Изложбата го претставува животот на војниците, нивните страдања, но во исто време го отсликува и животот на цивилното население на линијата на фронтот, нешто што досега не било претставено на пошироката публика.
Со почетокот на војната, голем број млади Македонци од регионот на Пелагонија, биле мобилизирани во војските на Србија или Бугарија, а подоцна и во грчката војска, па тие се нашле на двете страни од фронтот, често и роднини, пријатели или комшии од исти села биле во различни спротивставени војски. Тие требало да се борат еден против друг, а тоа оставило длабока трага во сеќавањата на населението на оваа војна, како и во народната традиција и литературата во Македонија.
Франција на државно ниво го одбележува денот 11 Ноември кога беше означено примирјето и победата на сојузниците над Германија во Првата светска војна. Примирјето кое стапи во сила во Париз на овој историски датум е познат под називот „во 11 часот на 11 ден од 11 месец“ во 1918 година кој ден се смета за капитулација на Германија во Првата светска војна.
Претставници на македонската заедница во Франција, здруженијата „Илинден 1903“ и „Заборавени Македонци“ секоја година се дел од официјалната програма и во Паркот на мирот во гратчето Коломбел во Нормандија полагаат венци пред споменикот на кој се изгравирани имињата на 33 Македонци кои загинале на страната на француската војска во Првата светска војна. Така беше и оваа година, Македонците не ги забораваат своите корени, своите сонародници и своите страдања низ минатото, најчесто присилно и за туѓи интереси.