Израелска школа обучува тинејџери за идни антиирански шпиони

Израелските разузнавачки служби се обидуваат да го прошират својот басен на експерти за Иран преку програмата „Иран, безбедност и разузнавање“ во средното училиште „Бен Гурион” во Петах Тиква, централен Израел, пренесува „Гласот на Америка“.

Двегодишниот курс, воден од пензионираниот поранешен офицер на Шин Бет, генерал Пини Шмилович, предвидува изучување јазични и комуникациски вештини, а на 16- и 17-годишниците им се презентира и израелската перспектива за наводната вмешаност на Иран во регионалните конфликти со соседите, поддршката на Техеран за групите како Хезболах и Хамас, како и залагањето на неговите лидери за уништување на државата Израел.

Во програмата, за која има голем интерес во последните години, се запишани 50-ина студенти. Од нејзиното создавање во 2014 година, 50 студенти дипломирале, а 20-ина од нив служат во израелската воена разузнавачка служба, вели Шмилович.

„Не знам кога и дали ќе има мир меѓу нас и Иран, но мислам дека е важно во Израел да има доволно луѓе што знаат што е Иран и кои може да влијаат и да бидат активни во прашањето на односите меѓу Иран и Израел“, рече разузнавачкиот офицер.

Хана Јаханфуроз, израелски едукатор, родена во Иран, предава фарси и иранска култура и вели дека се чувствува совршено спокојно знаејќи дека некои од нејзините студенти ќе продолжат да вршат разузнавачка работа против нејзината поранешна земја.

„Ако ние во Израел можеме да сториме нешто за иранскиот народ во Иран да биде слободен, а студентите може да ја искористат оваа програма за да го постигнат тоа, за мене е во ред“, рече таа.

Традиционално нестабилните односи меѓу Иран и Израел паднаа на ниско ниво последниве месеци кога Тел Авив го обвини Техеран за водење прокси-војна против Израел во Сирија и во Либан и за обезбедување воена и други форми на поддршка за милитантите на Хамас во Газа. Иран ги негира израелските обвинувања за големо присуство во Сирија велејќи дека неговата помош е ограничена само на советници што ѝ помагаат на сириската влада во борбата против терористичките групи.

Advertisement