Македонците во Канада организира донаторски банкет “Македонија е се што имаме”

Во саботата на 3-ти март годинава во просториите на македонската православна црква Св.Климент Охридски во Торонто, а во организација на Македонската Глобална Координативна Мрежа – Канада како сојуз на македонски патриотски организации во Канада под мотото ,,Македонија е се’ што имаме,, , се одржа голем донаторски банкет. Целта на истиот според организаторите беше помош во борбата за зачувување на македонските национални интереси и Македонија, а целосниот приход од донациите ќе се употреби за поддршка на македонските патриотски организации во Македонија во одбрана и заштита на македонските национални интереси.

Настанот беше отворен со благослов на свештениците во македонските православни цркви во Канада, а поздравен од архиерејскиот намесник за Канада прота-ставрофор Трајко Босеовски и Прота Гоце Деспотовски од црквата Св. Мала Богородица во Кембриџ, како и од претседателот на Светскиот Македонски Конгрес од Канада Боне Темелков, претседателот на црквата Свети Климент Охридски Чедо Миленковски и свештеникот при оваа црква прота-ставрофор Илија Донев. Во продолжение претставниците на глобалната координативна мрежа одговараа на најактуелни прашања кои последниве месеци си ги поставуваат голем број Македонци во светот.

Така, ставовите на организациите ги пренесоа Боби Темелков претседател на Светскиот Македонски Конгрес од Канада, Мендо Бакаловски претседател на Организацијата Обединети Македонци од Канада, Бил Николов претседател на Македонското Меѓународно движење за човекови права, Живе Латиновски претседател на здружението “Андон Лазов Јанев Ќосето“ во Торонто, Веле Тошевски претседател на македонската студентска организација од универзитетот во Торонто, Енди Плуков претседател на фондот за помош на македонските деца, Грег Цанев претседател на леринското околиско друштво од Канада, Тони Марковски претседател на канадско-македонското историско друштво и Ѓорѓи Кизовски потпретседател на здружението на децата бегалци од Канада. По повод овој настан од Македонија допатува претседателот на Светскиот македонски конгрес Тодор Петров кој од говорницата го осуди грубото мешање во внатрешните работи на Македонија од страна на Европската Унија и Соединетите Американски Држави.

Тој укажа дека било каков договор меѓу владите на Заев и Ципрас за промена на името на државата и идентитетот на нацијата, склучен со измама и корупција, како и со притисок и закани, a во спротивност со императивната норма на општото меѓународното право според член 53 од Виенската конвенција за договорно право од 23 март 1969 година, за Македонскиот народ засекогаш ќе биде ништавен и неважечки. Доколку Владата предложи донесување закон за ратификација на договор за промена на името на државата и идентитетот на нацијата, господин Петров бара претседателот на Републиката да не го потпише указот за негово прогласување. Доколку Законот влезе во сила, а Владата го поднесе на согласност во Советот за безбедност и на потврдување во Генералното Собрание на Обединетите Нации, СМК ќе побара Кина и Русија да стават вето.

Доколку Владата го поднесе договорот за промена на името на државата и идентитетот на нацијата на согласност во НАТО заради членство на Македонија во овој воен сојуз на држави, СМК ќе побара Турција да стави вето. За потсетување Светскиот Македонски Конгрес – Канада, Македонското меѓународно движење за човекови права, Организацијата Обединети Македонци – Канада и Здружението “Андон Лазов Јанев Ќосето“ во Торонто, обединети во Македонската координативна мрежа – Канада, застанаа зад финансиската помош за автобускиот превоз од градовите во Републиката до главниот град на Македонија и за озвучувањето на Семакедонскиот протест одржан на 27 февруари.

Овој донаторки банкет беше помогнат и спонзориран од бројни македонски дарители кои се погрижија за македонската храна и вина, како и музика од страна на оркестарот ,,Децата од Буф,, Задоволството на организациите е огромно, пред се заради собраните средства во износ од над 100.000 канадски долари. И овојпат г-ин Крсте Ивановски, секретарот на Светскиот македонски конгрес Канада донираше најмногу, 50 илјади канадски долари, а средства подарија и многу други истакнати македонски бизнисмени, поединци и организации. На 18-ти март пред парламентот на Онтарио најавен е голем здружен протест на македонските организации против промената на уставното име на нашата земја-Македонија.

 

Advertisement