Дичо е роден во Тресонче, 1819 година. Во маалото Лековци. Таму и пораснал. Се оженил на дваесет години, на 1 јули 1839 година, како што самиот забележал во стариот зографски прирачник т.н. ерминија. Имал седум синови и една ќерка. Малку пишани белешки има за неговата биографија. Се знае дека бил исклучително образован и дел од од тогашната интелектуална елита. Добро ги владеел книжевниот грчки и старословенски црковен јазик, како и духовните прашања. Интересот за користење книги од богословската литература, на графички изданија и на старите ракописи само ја заокружува неговата комплексна личност, наведува академик Грозданов.
Таткото на Дичо, Крсте Перков, бил зограф, но повеќе резбар и копаничар. Се смета дека тој го вовлекол синот во занаетот. Веднаш откако потпораснал, Крсте го земал Дичо во својата копаничарска група, но тој, сепак, поголем интерес покажал за зографството.
Според писанијата и она што го знаат потомците, основите на зографскиот занает Дичо ги совладал во манастирот „Св Јован Бигорски“. Најмногу научил од мајсторот Михаил кој со својот син Димитрија (подоцна замонашен како Даниил) дошол од Самарина (Епир). Стекнатото искуство кај овие двајца зографи, Дичо го надградил, а потоа и го развил својот препознатлив стил.
Дела на Дичо Зограф има и во областа Голо Брдо, од 1853 година се двете скоро идентификувани Дичови дела: иконата со Богородица од црквата Св. Ѓорѓија во с. Врница, областа Голо Брдо.