
Во организација на Министерството за надворешни работи на Македонија и Дипломатскиот клуб – Скопје, денес во Министерството за надворешни работи се одржа Конференција „50 години македонска дипломатија”. На конференцијата воведно обраќање имаа министерот за надворешни работи, Никола Димитров, претседателот на Дипломатскиот клуб, амбасадорот Виктор Габер и амбасадорот на Република Словенија во Македонија, Милан Јазбец. МНР Никола Димитров се осврна на 50-те години раст и развој на македонската дипломатија и на Министерството за надворешни работи, како и на предизвиците со кои се соочува дипломатската служба во денешно време, преку 5-те „лекции од минатото коишто можат да ни послужат како патоказ за иднината и кои овозможуваат активно да градиме сегашност, поучена од историјата, во која ќе биде втемелена светла, безбедна и просперитетна европска иднина за нашата држава и за македонските граѓани.“
МНР Димитров: „ Работата на дипломатијата е да гради мостови, да прави пријателства и да отвора врати и перспективи. Треба да обезбедиме видливост, препознатливост и да продолжиме да создаваме нови пријатели и да ги одржуваме старите пријателства. Не можеме да чекаме работите да се случуваат сами по себе. Мора сами да создадеме можности и да отвориме нови хоризонти – со подадена рака, со самопочит, но и со уважување на другите, преку зацврстување на старите и воспоставување нови партнерства и решителност и одговорност во соочување со проблемите. Практикувањето политика на отворен пристап, насочен кон решавање на проблемите и отворените прашања, треба да остане во основата на нашите дипломатски активности.“ Зборувајќи за професионалната дипломатија како темел на успехот на надворешната политика, министерот Димитров истакна: „Наша должност е постојано да ги зацврстуваме и надградуваме темелите врз кои ќе почива нашата дипломатија, ориентирана кон резултати во нашите надворешно политички приоритети и интереси. Затоа активно работиме кон изградба на професионална, одговорна и компетентна дипломатска служба. Ова е врвен државен интерес од кој зависи нашата долгорочна стабилност и просперитет, како и стабилноста и просперитетот на идните генерации.“
Министерот се осврна и на стратешките цели, како и на визијата на државата по однос на регионалните и мултилатералните прашања: „Поттикнати сме од визијата за соработка, мирен и просперитетен Балкански Регион, регион каде имаме само пријатели и тогаш кога имаме извесни разлики по определени прашања, интегриран во соработка, мирна и просперитетна евроатлантска заедница. Водени од изворните европски вредности и нејзиниот потенцијал за квалитативна трансформација на земјите членки, нивна стабилност, безбедност и просперитет, членството во Европската Унија претставува врвен приоритет на нашата надворешна политика. Нашата крајна цел е преку процесот на европско пристапување да создадеме предуслови за зрело и одговорно демократско општество, по урнек на докажаните европски демократии. Верувам во нашите европски амбиции и потребата од брз европски пробив. Потребно е заеднички да создадеме контекст од кој на крајот сите ќе излеземе како победници, и ние како држава, и регионот и Европската Унија. Верувам дека врз основа на сработеното дома и со европско лидерство наскоро ќе овозможиме таков заеднички пробив. Исполнувањето на стратешката определба за наше членство во НАТО е нашата нова реалност. На последниот Самит во Лондон, како рамноправна држава, седевме за прв пат рамо до рамо со нашите трансатлантски сојузници. Со ратификацијата на Протоколот за членство од страна на Шпанија ќе се заокружи овој повеќедецениски стремеж.
Наместо историја на sидови и огради изградени од недоразбирања и недоверба, да продолжиме да се фокусираме на иднината изградена врз темелите на довербата и соработката, на градење мостови и отворени перспективи. Способноста и мудроста на нашата татковина успешно да ги надминува предизвиците, да се приклучи и да биде активен контрибутор во процесите во мултилатералниот свет, како и капацитет да креира можности во синергија со националните приоритети, ќе биде клучната одредница на нашата позиција на меѓународната сцена.“ потенцираше МНР Димитров. На вториот дел на Конференцијата, пред присутните, свои обраќања имаа и заменик министерот за надворешни работи, Андреј Жерновски, Државниот секретар Зоран Попов, дипломати и амбасадори во Министерството за надворешни работи. Во фокусот на нивните обраќања беше развојот на дипломатската служба од формирањето на Бирото за односи со странство во 1969 година, кое е претходник на современото Министерство за надворешни работи, кое се етаблираште во 1991 година, на Денот на независноста.
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden