Конституиран Македонскиот национален совет – Борче Величковски повторно претседател

Месец дена по изборите за членови националните совети на националните малцинства, Македонскиот национален совет ја одржа својата конститутивна седница во свечената сала на Градската управа Панчево. Ова е петтиот мандат на Македонскиот национален совет.

Конститутивната седница започна со интонирањето на српската и македонската химна, во присуство на сите членови на Националниот совет, претседателите на македонските здруженија во Србија, претставникот на Министерството за човекови и малцински права и општествен дијалог Марин Пијуковиќ и претставниците на македонската амбасада во Белград, вд амбасадор Михаела Веселинов и третиот секретар Емрије Мустафи. Седницата ја водеше тричленото работно претседателство, со кое што претседаваше Благоје Илијевски. На седницата се верификувани мандатите на сите 23 члена на Националниот совет, кои во Советот влегоја од листата на Борче Величковски.

Веднаш по конститутивната седница, одржана е и првата седница на Националниот совет, на која што за претседател повторно е избран Борче Величковски.

Голема чест и задоволство е повторно да се добие доверба , што за мене лично претставува и дополнителна енергија но и голема обврска за сите оние активности кои не очекуваат во наредниот период, во образованието, културата, информирањето и службената употреба на јазикот и писмото. Се надевам дека сите заедно ќе успееме да ги оствариме и оние активности кои не успеавме во претходниот период, но и дека овој состав на Советот, ќе даде една нова сила за спроведување на многу нови проекти – истакна Величковски.

На крајот од седницата тој го претстави и штотуку објавениот речник на македонските глаголи, кој во издание на Македонскиот информативен и издавачки центар го подготви проф. Жарко Бошњаковиќ, под покровителство на Националниот совет и Покраинската влада.

Првиот примерок на речникот го доби македонската вд амбасадорка Михаела Веселинов

www.makinfo.rs

Advertisement