Кралицата Елизабета даде согласност за Брегзит

 

Британската кралицата Елизабета даде кралска согласност за законот за Брегзит, со што патот за преговорите за напуштање на Европската унија е отворен. Откако двата дома на парламентот го поддржаа законот за Брегзит и по формалната поддршка од кралицата, премиерката Тереза Меј сега има целосно право да ги почне преговорите, што за Велика Британија би можеле да се покажат како најсложените уште од Втората Светска војна. Меј, која беше именувана за премиер набрзо откако на референдум беше изгласан Брегзит, се соочи со обидите на парламентот да внесе промени во законот кој ѝ го дава правото за почнување на процесот за излез.

Владата сега има отворени раце да ја почне процедурата за излез пред крајот на месецот, што е датумот што премиерката Меј претходно го одреди. Освен информацијата дека постапката ќе почне овој месец, Меј треба да каже кога точно ќе се случи тоа и со тоа да стави крај на деветмесечните претпоставки за тоа како владата ќе пристапи кон излезот од европското семејство. Меј претходно изјави дека тоа ќе биде еден од клучните моменти за целата земја откако ќе почнат да го градат новиот однос со Европа и да ја одредуваат новата улога во светот. Премиерката се надева дека ќе ја оствари својата цел, да одржува врски со 27-те земји членки и истовремено да ги задоволи евроскептиците во својата конзервативна партија.