Кралот Кире Лазаров испратен во кралски стол со круна на главата (ВИДЕО)

Кире Лазаров синоќа го одигра последниот меч во арената во Нант, а навивачите на овој клуб знаеја на најдобар начин да му се заблагодарат на Македонецот за сето она што тој го направи за тимот, во кој дојде по заминувањето од Барселона и го одведе до две фајналфор завршници во Лигата на Шампионите.

„Кралот Кире“ е прекар што македонскиот бомбардер го доби низ годините на европската ракометна сцена, а Нант го круниса на најдобар можен начин, седнувајќи го на трон, со круна на главата, со семејството веднаш до него.

Нема сомнеж, Лазаров се повлекува не само како најдобар македонски ракометар на сите времиња, туку и еден од најдобрите во Европа што некогаш го играле овој спорт. Во Нант тоа многу добро го знаат, па затоа ја испратија нашата спортска легенда во пензија онака како што доликува на еден великан.

„Последниот танц“ во салата на Нант најмалку ќе остане запаметен по победата над Тулуз 32:18.

По натпреварот се одржа неверојатна забава – Кирил Лазаров беше сместен во кралската фотелја, со кралската круна на главата и семејството околу него, во духот на работната титула на неговото збогување – „Мерси Крал Кирил“.

Притоа, сите 6.000 навивачи во „Х“ арената ставија круна на главата во почит кон македонската Суперѕвезда. Во исто време, на големото платно се менуваа видео пораките на најрелевантните луѓе во неговата кариера, почнувајќи од првиот тренер Јанев, Лино Червар, Талант Душебаев, Чави Пасквал, македонскиот новинар Зоран Мишевски, уредник на Балкан – Хендбал, Жика Богдановиќ, Никола Карабатиќ, неговиот брат Филип Лазаров и децата Лана и Благојче.

Кирил Лазаров ќе го одигра последниот меч во кариерата против ПСЖ во Берси на 11 јуни во рамките на финалето на националниот Куп.

Advertisement