Лидерот на отпорот во Авганистан повика на востание против Талибанците

Водачот на движењето за отпор во авганистанската долина Паншир повика на „национално востание“ против Талибанците, кои тврдат дека ја презеле целосната контрола врз провинцијата која беше последна што ја држеа опозициските сили.

Досега не беше можно да се добие независна потврда за денешните настани во Паншир, каде исламистичката милитантна група ги прекина телефонските врски, интернетот и електричните водови. Талибанците пред три недели ја презедоа контролата врз поголемиот дел од Авганистан, вклучително и врз Кабул кога на 15 август колабираше владата поддржана од Западот.

„Наши сонародници, каде и да сте, без разлика дали сте надвор или внатре, ве повикуваме да започнете општо востание заради честа, слободата и гордоста на нашата татковина“, рече лидерот на Националниот фронт за отпор (НРФА) Ахмад Масуд во аудио порака објавена од групата на 6 септември.

„Секој може да стане на секаков можен начин и да викне гласно – ние никогаш нема да прифатиме понижување“, рече Масуд додавајќи дека Авганистанците можат да се борат во која било можна форма, или преку вооружена борба, или преку протести.

Тој не ги коментираше тврдењата на Талибанците дека ја преземале контролата во Паншир, која е последната област во Авганистан под контрола на силите на отпорот, но портпаролот на НРФА, Маисам Назари, ги отфрли ваквите тврдења. Тој за Радио Слободна Европа изјави дека борбите во Паншир продолжуваат.

Портпаролот на Талибанците Забихула Муџахид изјави дека имало тешки борби во долината Паншир – планинска област која се наоѓа на околу 100 километри североисточно од главниот град, каде живеат околу 200.000 луѓе. Сепак, тој рече дека нема цивилни жртви и дека милитантите напредуваат со плановите за„наскоро“ да биде објавена нова влада.

„Со оваа победа нашата земја е целосно извадена од мочуриштето на војната“, изјави Муџахид.

Во видео објавено на социјалните мрежи од Талибанците, се гледа како членови на групата го креваат нивното знаме пред канцеларијата на гувернерот на провинцијата. Сепак, во објава на Твитер од страна на НРФА се вели дека нејзините сили „се присутни на сите стратешки позиции низ долината“ со цел да ја продолжат борбата.

Advertisement